Кога во 2018 година во прво одделение се запишаа 20.251 дете, Владимир Ѓорчев излезе пред камерите и пресуди: Македонија ја зафатила „пустош и небиднина“. Бројката за него беше „убедлив пораз“ на тогашната влада, доказ за егзодус, економски крах и земја што останува без народ.
Осум години подоцна, состојбата е многу полоша. Во учебната 2026/2027 година досега се запишани околу 14.500 првачиња. Тоа се 5.751 дете помалку од бројката поради која Ѓорчев во 2018 година грмеше за национална катастрофа, пад од приближно 28 проценти.
Но, денес нема прес-конференција. Нема обвинувања за пустош. Нема драматични пораки за празни училишта и маала без деца. Нема ни јавна реакција што одговара на тежината на бројките.
Го нема ни да гукне токму човекот кој од септември 2024 година е национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси во Владата со плата повисока од 2.000 евра.
Вака зборуваше Влатко Ѓорчев во 2018 година, денес нациоанален координатор во Владата
Бројката од 14.500 првачиња сè уште не е конечна, бидејќи дополнителните уписи траат до крајот на септември. Но, министерката за образование Весна Јаневска веќе соопшти дека се очекуваат најмалку 3.000 првачиња помалку во споредба со претходната учебна година. Во основното образование ќе има околу 200 паралелки помалку, во средното уште 100, а 26 рурални училишта во кои нема запишано ниту едно прваче се пред затворање.
Ако 20.251 прваче во 2018 година беа „пустош“, како Ѓорчев денес ги нарекува 14.500 првачиња, 300 паралелки помалку и 26 училишта без ниту едно новозапишано дете?
Молкот е уште погласен затоа што Ѓорчев ја повтори истата партиска реторика и во септември 2023 година. Тогаш предупредуваше дека бројот може да падне под 18.000 првачиња, зборуваше за празни училници и „апокалипса“, а како решение бараше итни избори и нова влада.
Изборите се одржаа. Неговата партија дојде на власт. Ѓорчев доби функција токму во областа за која со години најгласно ја обвинуваше претходната власт. Но бројот на првачиња падна уште подраматично, а неговиот аларм одеднаш замолкна.
Секако, ниту една влада не може сама да ја создаде или да ја запре демографската криза за две години. Првачињата што денес седнуваат во клупите главно се родени во 2020 година, а демографскиот пад е последица на процеси што траат со децении: ниска стапка на наталитет, иселување, економска несигурност, недостапно домување и недоверба во институциите.
Но истото важеше и во 2018 и во 2023 година, кога Ѓорчев сложената демографска криза без двоумење ја припишуваше на една влада и ја користеше како партиско оружје. Ако денес смета дека процесите се долгорочни и дека не може целата вина да се припише на актуелната власт, тогаш треба да признае дека неговите тогашни настапи биле политичка пропаганда. Ако, пак, сè уште верува во критериумите што самиот ги постави, тогаш денешните бројки бараат многу посилна осуда од онаа во 2018 година.
Наместо тоа, националниот координатор молчи.
Јавноста нема одговор какви конкретни мерки предложил, кои министерства ги координира, какви рокови поставил, колкав буџет побарал и според кои показатели ќе се мери успешноста на неговата работа. Функцијата национален координатор не постои за церемонијални конференции и општи говори за семејството. Таа треба да произведува политики, цели, рокови и мерливи резултати.
Токму фактот што првачињата во 2032 година се бебињата што треба да се родат денес ја прави итноста уште поголема. Секој изгубен месец без сериозна политика ќе се појави како уште една празна клупа по шест години.
Во 2018 година, кога беше во опозиција, за Ѓорчев 20.251 прваче беа доказ за „пустош“. Во 2026 година, како владин координатор за демографија, пред бројката од 14.500 првачиња избра тишина.
Разликата меѓу тие две реакции не ја мери само демографската криза. Таа ја мери политичката недоследност на Владимир Ѓорчев, гласен кога бројките служат за напад врз противникот, невидлив кога истите бројки бараат одговорност од него и од неговата власт.

