Кога локалната власт се претвора во продолжение на партиската хиерархија, граѓанскиот концепт на општината исчезнува. Тогаш жителите повеќе не добиваат институција што работи во нивен интерес, туку структура што пред сè ги штити интересите на политичките и економските центри на моќ.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Политичката криза во Општина Карпош, според информациите дека градоначалникот Сотир Лукровски поднел оставка, ама бил ставен под силен притисок од ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече, отвора многу подлабоко прашање од тоа дали еден локален функционер ќе остане или ќе си замине од функцијата.
Овој случај во фокус го става следното прашање: Дали локалната самоуправа во Македонија, во овој слуај, Општина карпош, навистина е самоуправа на граѓаните или продолжена рака на партиските центри на моќ?
Според информациите објавени од Рацин.мк, кризата во Карпош не е резултат на дневнополитички несогласувања или лични конфликти, туку на сериозен судир меѓу формалната одговорност што ја носи потписот на градоначалникот и притисокот на политичката структура што го донела на власт.
Извори блиски до градоначалникот тврдат дека Лукровски подолго време бил вознемирен од документи што му биле доставувани на потпис, а кои се однесувале на урбанистички одлуки, легализации на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање фирми. Стравот дека со својот потпис би можел да стане лично кривично одговорен, според тие информации, бил суштинската причина за неговото барање излез од функцијата.
„Рацете во медот“ евергрин
Во таа смисла, случајот со Карпош неизбежно потсетува на почетокот на конфликтот меѓу Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.
И тогаш, како и сега, првите сигнали беа тивки несогласувања околу влијанието врз тендери, урбанистички политики и кадровски решенија. Кога Арсовска одби да биде политички извршител на интересите што доаѓаа од партиските структури, следуваше целосен распад на односите, а цената ја платија граѓаните на Скопје.
Градот четири години функционираше во состојба на институционална блокада, со нефункционални јавни услуги, хаос во јавниот превоз и парализирана администрација.
Разликата е што денес сцената не е Градот Скопје, туку Општина Карпош. Но Карпош не е периферна и политички небитна општина. Таа е една од највлијателните и највидливите урбани општини во државата, со огромен урбанистички и економски потенцијал, каде секоја одлука за градба, легализација или инфраструктура има директни финансиски и политички последици. Токму затоа и влогот на ВМРО-ДПМНЕ во освојувањето на Карпош беше огромен.
Меѓу првиот и вториот круг на локалните избори во 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ вложи исклучителни напори за пресврт во вториот круг на локалните избори, со силна мобилизација и политички ангажман, само за на листата освоени општини да додаде уште една важна скопска општина. Денес, кога тој проект влегува во криза, разбирливо е зошто партијата не сака да дозволи политички пораз преку оставка на својот градоначалник.
Граѓаните повторно ја плаќаат цена
Но токму тука се отвора најсуштинскиот проблем. Ако еден градоначалник не може самостојно да одлучи дали ќе остане на функцијата или ќе поднесе оставка, тогаш прашањето е кој навистина управува со општината.
Информациите дека одлуките и притисоците доаѓаат „од Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ ја рушат целата официјална приказна за раздвоеност меѓу локалната и централната власт. Наместо локална самоуправа, се создава впечаток на партиски управуван систем во кој институциите се продолжение на централните партиски штабови.
Во таков модел, градоначалникот станува фигура со формална одговорност, но без реална политичка автономија. Потписот е негов, но одлуките се носат на друго место. А токму таму лежи опасноста што очигледно ја почувствувал и самиот Лукровски – дека во еден момент политичката лојалност може да заврши, но правната одговорност останува лично негова.
На крајот, најголемите губитници повторно се граѓаните. Наместо општина што треба да биде сервис на заедницата, Карпош ризикува да стане уште една арена за партиски пресметки, бизнис интереси и борби за контрола врз урбанистичкиот и финансискиот потенцијал.
Кога локалната власт се претвора во продолжение на партиската хиерархија, граѓанскиот концепт на општината исчезнува. Тогаш жителите повеќе не добиваат институција што работи во нивен интерес, туку структура што пред сè ги штити интересите на политичките и економските центри на моќ.