Кризен штаб: Водата во Гостивар може да се користи како техничка, но не и за пиење и готвење

Гостивар

Водата во Гостивар може да се користи како техничка, но не и за пиење и готвење, соопшти не прес конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во својство на претседавач на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

„По повеќекратни испитувања, имаме добиено потврда од страна на експертите дека таа ќе може да се користи како техничка вода, за бањање и сите потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење ниту, пак, за приготвување храна“, рече Тошковски на прес-конференција денеска.

Тошковски истакна дека водата е исчистена од фекалии и може да се користи за бањање и миење садови, но сè уште не е за пиење или готвење, рекоа надлежните и дека со континуиран мониторинг ќе се следи квалитетот на водата сè додека не се потврди дека е исправна за пиење.

Емилија Аневска од скопски „Водовод“ кажа дека три дена последователно биле земени шест примероци во Гостивар од краен потрошувач и дека не е забележано присуство на колиморфни бактерии, по што резултатите биле доставени до кризниот штаб и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Аневска посочи дека во следните денови ќе се зголеми бројот на мерните места и со континуиран мониторинг ќе се следи квалитетот на водата сè додека не се потврди дека е исправна за пиење, но нагласи дека не може точно да се каже кога точно водата би можела да се користи за пиење.

„Јавното претпријатие во Гостивар генерално се соочува со проблем во процесот на вршење дезинфекција. Ќе се обидеме во следните неколку дена да се реши и тој дополнителен проблем. Кога дезинфекцијата ќе биде континуирана и нема да има отстапување од нормалните вредности за да се добие безбедна вода, прво ќе го известиме кризниот штаб, а потоа и граѓаните“, посочи Аневска.

Најчитано