Лансиран AI Balkans за поголема глобална видливост на регионот во примената на вештачката интелигенција

AI Balkans

AINOW Society, првата невладина организација за вештачка интелигенција во Северна Македонија, официјално го лансираше AI Balkans – првиот регионален ВИ хаб посветен на вештачката интелигенција во Западен Балкан. Оваа иницијатива е дел од пошироката програма на AINOW Society, чија мисија е да ја унапреди писменоста, истражувањето, иновациите и одговорната примена на вештачката интелигенција во регионот.

AI Balkans претставува централизирано место каде што ќе се обединуваат вести, анализи, истражувања, практични водичи, интервјуа, експертски осврти и регионални приказни поврзани со вештачката интелигенција. Наместо само да ги следи глобалните ВИ трендови, хабот има за цел да ги стави во фокус луѓето, компаниите, универзитетите, институциите, стартапите и организациите кои веќе создаваат вредност во Западен Балкан и да ја поврзе нивната работа со меѓународната ВИ заедница.

Посебна вредност на AI Balkans е тоа што претставува практичен пример за интеграција на вештачката интелигенција во современите медиумски и информативни платформи. Во рамки на самиот хаб е развиен и интегриран сопствен ВИ модел кој им овозможува на корисниците интерактивно да ја истражуваат содржината и контекстот на платформата, како и посебна алатка за проверка на факти што придонесува за поголема доверба, транспарентност и разбирање на информациите. Хабот располага и со аудио функционалности за подобра пристапност, како и со регионален ВИ директориум што ќе ги поврзува компаниите, организациите, експертите и сите чинители кои го градат овој значаен екосистемот во Западен Балкан.

AI Balkans е целосно осмислен и развиен од нула од страна на експертот за вештачка интелигенција и основач на AINOW Society, Суад Сефери, кој е креатор на концептот, архитектурата и развојот на платформата, вклучително и интеграцијата на ВИ функционалностите што ја прават платформата интерактивна и уникатна во регионот.

За уредувачката политика и редакцискиот развој на хабот е задолжен Бојан Стојковски, генерален уредник на AI Balkans и еден од основачите на AINOW Society.

„Балканот ги има сите предуслови да стане значаен регион во областа на вештачката интелигенција: талентирани луѓе, амбициозни претприемачи, силна инженерска традиција и сѐ поголем број стартап-компании што развиваат производи наменети за глобалниот пазар. Она што ни е потребно сега е повеќе простор овие идеи и луѓе да се поврзат, да соработуваат и нивниот глас да биде слушнат. Токму затоа верувам дека AI Balkans е значајна иницијатива. Таа има потенцијал да стане платформата што ќе го обедини регионалниот екосистем за вештачка интелигенција, ќе ја промовира работата што веќе се создава, ќе поттикне нови партнерства и ќе придонесе Балканот да се препознае не само како извор на талент, туку и како регион што создава компании за вештачка интелигенција, научноистражувачка работа и иновации со глобално влијание“, изјави Бојан Стојковски, генерален уредник на AI Balkans и еден од основачите на AINOW Society.

Покрај редакциската содржина, AI Balkans ќе функционира и како отворена платформа за целата регионална ВИ заедница. Истражувачи, универзитетски професори, стартап-компании, институции, организации, новинари, студенти, инженери и ВИ експерти ќе можат да доставуваат свои анализи, истражувања, интервјуа, мислења, практични примери и вести поврзани со вештачката интелигенција. Секоја содржина ќе биде разгледувана според јасно дефинирани уредувачки критериуми, засновани на проверливи извори, професионални стандарди, транспарентност и регионална релевантност.

Важен сегмент од развојот на платформата ќе биде и академско-истражувачката работа, која ќе ја координира Сеад Џигал, еден од основачите на AINOW Society. Во рамки на AI Balkans ќе се развиваат истражувања, анализи и публикации насочени кон подобро разбирање на влијанието на вештачката интелигенција врз општеството, јавните политики, економијата и образованието. Со AI Balkans, AINOW Society прави нов чекор кон создавање на силен, поврзан и видлив регионален ВИ екосистем. Амбицијата на хабот е да стане централно место каде што ќе се среќаваат знаењето, иновациите, истражувањата и луѓето кои ја создаваат иднината на вештачката интелигенција во Западен Балкан и пошироко.

Најчитано