ЛДП бара Владата да се огради од величењето на Младиќ

Зајкова

Либерално-демократската партија побара Владата јавно и недвосмислено да се огради од објавите со кои се велича Ратко Младиќ, правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Реакцијата следува по објавата на Демократската партија на Србите во Македонија, предводена од министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, во која по смртта на Младиќ за него се зборува како за генерал и човек кој животот го ставил во служба на војската и својот народ. Дополнително, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ на Инстаграм објави фотомонтажа на која Младиќ е прикажан со Дража Михајловиќ и други личности, со натпис „Генерали на небеската војска“.

Од ЛДП оценуваат дека прашањето не може да се сведе на различно политичко или историско толкување, бидејќи фактите за геноцидот и другите злосторства се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови.

„Особено е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции“, наведуваат од партијата.

ЛДП бара Владата да се огради од постапувањето и да утврди политичка одговорност за министерот Стоилковиќ и директорот Китановиќ.

„Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид“, се наведува во соопштението.

Партијата оди и чекор понатаму и бара МВР и Јавното обвинителство да ги испитаат објавите и изјавите поврзани со случајот и да утврдат дали постојат елементи за кривична одговорност.

ЛДП во своето барање се повикува на член 407-а од Кривичниот законик, за кој наведува дека опфаќа јавно негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем. Дали конкретните објави ги исполнуваат законските елементи е прашање што може да го утврдат надлежните институции.

ЛДП предлага и пошироки законски измени со кои експлицитно би се забранило јавно величење на лица правосилно осудени за геноцид и воени злосторства, како и користењето на нивните имиња и симболи за здруженија, фондации, клубови, јавни установи, улици, плоштади и манифестации.

Реакциите за Младиќ во Македонија се проширија во изминатите 24 часа. СДСМ и ДУИ претходно ја осудија објавата на партијата на Стоилковиќ, додека ВЛЕН соопшти дека го осудува глорифицирањето на Младиќ и побара одговорност, при што во нивната реакција директно беше посочена објавата на Китановиќ.

Став пристигна и од Брисел. Европската комисија порача дека секое величење на воени злосторници е спротивно на основните европски вредности и дека за такво однесување нема место ниту во Европската Унија, ниту во земјите кандидати за членство.

Ратко Младиќ беше командант на Војската на Република Српска. Во 2017 година беше осуден на доживотен затвор, меѓу другото за геноцидот во Сребреница, а пресудата беше правосилно потврдена во 2021 година.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?