„Со напаѓањето на мојот избор, СДМС директно им кажа на граѓаните од српска националност дека ги сметаат за граѓани од втор ред чии права се пожелни само на хартија, за време на изборните кампањи. Според нивната реторика, се чини дека би биле среќни доколку Србите воопшто не постоеја во Македонија“, рече денеска министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ во изјава дадена во манастирот Св. Прохор Пчињски каде што беше во посета по повод 2 Август – Денот на Републиката на Северна Македонија.
Тој истакна дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ) го шират наративот дека член на српскиот народ не треба да биде на чело на владин оддел и дека учеството на Србите во македонскиот владин систем е генерално сомнително.
„Тоа претставува чисто политичко лицемерие“, рече Стоилковиќ.
Според него, фактот што е назначен за министер за локална самоуправа на Северна Македонија не е отстапка, туку легитимно политичко учество врз основа на изборните резултати на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ).
„Владата на Христијан Мицкоски го препознава ова. Искрено, не секогаш, но се обидуваме да бидеме сигурен и лојален партнер, а доколку е потребно и непријатен противник“, рече Стоилковиќ и додаде дека за разлика од претходните влади, партнерството на ДПСМ со ВМРО-ДПМНЕ се темели на принципите на вистинска рамноправност, меѓусебно почитување и вреднување на експертизата.
Стоилковиќ оцени дека македонско-српските односи се темелат на континуиран дијалог на највисоко ниво и дека тие се одраз на заедничките интереси за регионалната стабилност и европската перспектива на целиот Западен Балкан.
„Србите во Северна Македонија не се минлива политичка категорија, туку вековен конститутивен народ кој го изградил својот идентитет во духовниот, културниот и економскиот живот на Македонија. Ние не бараме привилегии, туку права загарантирани со Уставот, а тоа се правото на зачувување на јазикот, писмото, културата и традицијата, како и правото на рамноправно учество во институциите на државата што гордо ги сметаме за свои“, заклучи Стоилковиќ.
