Маглата со идентитетските прашања не ја скри јасната порака на ЕП: Преговорите ќе продолжат само откако ќе бидат усвоени уставните измени

Во извештајот за напредокот на Северна Македонија во евроинтегративниот процес што во средата го усвои Европскиот парламент се наведуваат повеќе точки кои останаа „невидливи“ заради „вревата“ што се крена откако група европарламентарци, меѓу кои предводеа оние од Бугарија, со амандмани издејствуваа од текстот да бидат отстранети термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“.

Во таа ситуација во сенка остана ставот на Европскиот парламент дека пристапувањето на земјата кон ЕУ „останува прашање на политичка волја во исполнувањето на критериумите и спроведувањето на преземените обврски, во однос на имплементирањето на потребните реформи и усвојувањето на уставните амандмани“.

ЕП во извештајот потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на интеграција во ЕУ.

Во усвоениот документот се наведува дека согласно своите обврски од заклучоците на Советот од јули 2022 година, Северна Македонија „треба да ги спроведе уставните измени за да може веднаш да заврши почетната фаза на пристапните преговори“.

Наместо тоа, извештајот нотира дека македонските власти „предложиле решенија за уставни промени кои не ги исполнуваат условите од заклучоците на Европскиот Совет од јули 2022 година“.

Со други зборови оваа забелешка укажува дека ЕП изричито му налоѓува на Европскиот совет дека барањата како она за одложено дејство на уставните измени не е во согласност со заклучоците на ЕС од јули 2012 година.

Во документот се посочува дека Советот „не го исклучи недвосмислено поставувањето на понатамошни нови услови за започнување на пристапните преговори“, па во членот 3 европратениците го повикуваат Европскиот совет „јавно и недвосмислено да сигнализира дека Советот има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за преминување во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија откако ќе бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година“.

Тоа практично значи дека европратениците му наложуваат на Европскиот совет следната фаза од преговорите со нашата земја да продолжи само откако ќе бидат исполнети условите од заклучоци од 18 јули 2022 година, односно откако во македонскиот параламент ќе поминат уставните измени.

Во оваа насока се нагласува дека ЕП ги охрабрува сите политички партии во земјава да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за уставните амандмани, што „би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзал нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“. Уште истакнува дека зајакнувањето на врските меѓу различните етнички заедници е „од суштинско значење за подобрување на социјалната кохезија и обезбедување поефикасно управување“ и се повикуваат земјите членки, Советот и Комисијата да ја заштитат предвидливоста и кредибилитетот на процесот на пристапување, со цел да се одржи големата поддршка за пристапување во земјите од опфатени со процесот на проширување.

– (ЕП) ја поздравува посветеноста на македонскиот народ на интеграцијата во ЕУ и поддршката што тој ја покажува на овој проект две децении од почетокот на процесот; ја повикува Комисијата да направи се што е можно за да им помогне на властите на Северна Македонија да ги остварат потребните чекори пред да влезат во следната фаза на преговорите, како и понатаму во процесот на преговори, за да помогне во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и земјата и да ги почувствуваат сите мерки од постепена интеграција во структурите на ЕУ, со што ќе се зголеми довербата во ЕУ и нејзините демократски вредности, се наведува во Извештајот.

Во документот се потсетува и дека процесот на пристапување не треба да се користи за решавање на билатерални спорови, да се попречува напредокот на европскиот пат заснован на заслуги или да се потиснуваат пошироките стратешки интереси на Унијата, туку таквите спорови мора да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка. 

– Пристапните преговори треба да следат јасен пат, воден од објективни критериуми и единствено врз основа на заслуги и исполнување на критериумите за пристапување (Копенхашките критериуми), кои бараат длабински реформи во фундаменталните области, како и присуство на стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата, се наведува во Извештајот за напредокот на Северна Македонија на Томас Вајц во Европскиот парламент.

Зачлени се на нашиот е-билтен