Вкупниот број македонски државјани регистрирани како странци што живеат во Германија заклучно со декември минатата година изнесувал 161.120 лица, што е за над 2.000 лица повеќе отколку во 2024 година кога оваа бројка изнесувала 158.995 лица, покажуваат податоците на германскиот Федерален завод за статистика. Од 2015 година до 2025 година бројот на македонски државјани регистрирани како странци во Германија се зголемил за над 65.000 лица.
Бранот на иселувања на македонските граѓани во Германија во 21 век е толку голем што носи тренд македонските деца да се раѓаат на германско тло. Имено, статистиката открива дека само во минатата година во Германија се родиле 1.620 новороденчиња од „странци од Македонија“, констатира Блумберг Адрија врз основа на податоците на германскиот федерален завод за статистика.
Сѐ поголем број деца со македонско потекло се раѓаат надвор од земјата, најчесто во Германија, што претставува уште еден показател за долгорочните последици од иселувањето на работоспособното население. Податоците укажуваат дека македонската дијаспора продолжува да расте, додека домашната демографска слика се соочува со намален наталитет и континуирано иселување на младите семејства.
Германија останува една од најпосакуваните дестинации за македонските граѓани кои бараат подобри економски можности, повисоки приходи и посигурна иднина за своите деца. Во последните години таму се преселиле илјадници граѓани од Македонија, а дел од нив веќе формираат семејства и добиваат потомство, што придонесува за раст на бројот на деца родени во германските породилишта од родители со македонско потекло.
Експертите предупредуваат дека овој тренд има долгорочни последици врз демографскиот развој на Македонија. Освен намалувањето на бројот на жители, земјата се соочува и со стареење на населението, недостиг на работна сила и намален број ученици во образовниот систем. Во исто време, дијаспората станува сѐ поважен економски фактор преку дознаките што ги испраќа во земјата и преку врските што ги одржува со матичната држава.
Според анализите, иселувањето повеќе не е привремена појава како во минатото, кога голем дел од печалбарите се враќале по одреден период. Денес многу семејства трајно се населуваат во земјите од Западна Европа, а нивните деца растат, се школуваат и го градат својот живот надвор од Македонија.
Токму затоа демографските движења сѐ почесто се наметнуваат како едно од клучните прашања за иднината на државата. Додека бројот на новородени во Македонија опаѓа, расте бројот на деца со македонски корени родени во странство, што дополнително ја отвора дебатата за мерките потребни за задржување на младите и создавање услови за нивно останување во земјата.
