Владата се пофали за воведувањето на нови авио линии од Охридскиот аеродром, како што е неодамна промовираната линија до Истанбул, туристичките работници предупредуваат на намалено присуство на некои големи тур-оператори. Ова би можело да има негативно влијание врз локалниот туризам, кој традиционално се потпира на овие организирани патувања.
„Еден од поголемите холандски тур-оператори во 2025 година нема да ја оперира нашата дестинација. Во 2019 година, преку овој оператор, во Македонија пристигнаа 13.500 туристи, кои генерираа повеќе од 100.000 ноќевања. Ги поздравувам напорите на Владата да донесе туристи вон сезона преку кружни патувања, но загрижува намалувањето на редовните аранжмани“, вели Љупчо Јаневски, туристички работник.
Според него, слична е ситуацијата и со полските тур-оператори, кои го намалуваат бројот на летови кон Охрид, додека Белград и Тирана стануваат попривлечни алтернативи. Тиранскиот аеродром, на пример, достигна рекордни 150-160 летови дневно во 2024 година, а сé повеќе граѓани од западна Македонија го користат за евтини нискобуџетни летови. Како резултат, Македонија сé почесто станува дел од еднодневни или дводневни екскурзии во рамки на кружни тури, наместо главна туристичка дестинација.
Извор АлсатМ