Премиерот Христијан Мицкоски продолжува да ја турка владината стратегија за привлекување дата-центри во Македонија и денеска откри дека се водат разговори со најмалку пет до шест потенцијални инвеститори, меѓу кои, како што рече, има и голема мултинационална компанија.
Мицкоски не ги откри имињата на компаниите, ниту локациите, планираните капацитети или количините електрична енергија и вода што би им биле потребни.
„Светот ова ќе го развива и прашањето е дали ние ќе го препознаеме моментот ако сакаме да се развива државата“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека Владата останува на стратегијата за дата-центри.
Како примери за глобалниот развој на технологијата тој ги посочи NVIDIA, Amazon, SpaceX и OpenAI, но не рече дека токму овие компании се меѓу инвеститорите со кои Владата разговара.
Според премиерот, дел од концептот вклучува и изградба на гасни електрани кои би произведувале струја за потребите на дата-центрите. Претходно Мицкоски најави и големи енергетски проекти, оценувајќи дека без дополнителни извори на електрична енергија не може да се развива сериозна дата-инфраструктура.
Новата изјава доаѓа само два дена откако Советот на Општина Пехчево не даде зелено светло за почеток на урбанистичка постапка поврзана со приватна иницијатива за дата-центар. Тамошните советници побараа повеќе информации за инвеститорот, потрошувачката на вода и струја, начинот на ладење и економската корист за општината.
Мицкоски повторно нагласи дека проектот во Пехчево не е владин.
„Тука нема ништо државата“, рече премиерот, додавајќи дека доколку Владата директно учествува, посредува или преземе ризик во некој иден проект, тоа ќе биде направено јавно и транспарентно.
Темата за дата-центрите во последните денови прерасна и во политичка пресметка. СДСМ предупредува дека ваквите објекти можат да создадат дополнителен притисок врз водните и енергетските ресурси, додека ВМРО-ДПМНЕ ги претставува како една од најголемите развојни можности поврзани со вештачката интелигенција и дигиталната економија.
Владата уште од пролетта подготвува и законски измени со кои треба да се олесни изградбата на дата-центри. Министерот за транспорт Александар Николоски во мај најави промени во законите за урбанистичко планирање и градење токму со цел да се стимулираат вакви инвестиции.
Засега, сепак, јавноста нема информации кои се петте или шесте компании со кои се преговара, каде би се граделе нивните објекти, колкав капацитет би имале и со каков модел би се обезбедувале потребните вода и електрична енергија.

