Во завршното обраќање, непосредно пред гласањето за новите министри во Владата премиерот Христијан Мицкоски се извини за денешните инциденти во Собранието.
„Се надевам дека во иднина тоа нема да се повтори“, рече Мицкоски.
До оваа ситуација дојде откако вечерва за време на расправата во собранието настана вжештување ма атмосферата по што пратениците на СДСМ ја напуштија салата откако побараа и не добија извинување од премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, како и реакција од претседателот на Собранието Африм Гаши, поради, како што кажаа, навреди и непримерно однесување кон пратеници на СДСМ.
На прес конференцијата веднаш по напуштаето на пленарната сала, од СДСМ рекоа дека однесувањето е надвор од сите демократски критериуми, особено затоа што во нив биле вклучени претседателот на Владата и кандидат за министер.
За време на дебатата, имало и директен напад од кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, кој се нафрлил на двајца пратеници со навреди и пцовки.
Повод за кавгата беше оценката на пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, дека реконструкцијата на Владата не носи нова визија, туку отвора сериозни дилеми за стратешката определба на државата и за кадрите што ВМРО ги предлага на највисоки државни функции.
„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што „српскиот“ свет во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини”, рече Трајчулески.
