За Македонија, оваа стратегија треба да се чита како потсетник дека европеизацијата не смее да се сведе само на усогласување на законодавството, институционални реформи и отворање поглавја. Европскиот пат мора да значи и повисоки плати, достапно домување, силни јавни услуги, квалитетно образование, детска грижа, достоинствени пензии и заштита од енергетска сиромаштија.
Марко МИХАИЛОСКИ*
Европската комисија ја објави првата Стратегија против сиромаштија на Европската Унија, документ што заслужува внимание не само во Брисел, туку и во Скопје и целиот Западен Балкан. Ова не е само уште една европска стратегија. Ова е политичко признание дека сиромаштијата не може да се третира како споредна социјална тема, туку како прашање на достоинство, демократија, економска стабилност и иднината на европскиот проект.
Според документот, околу еден од пет Европејци е во ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Тоа значи дека околу 93 милиони луѓе во Европската Унија не можат да си дозволат достоинствен живот, меѓу нив и 19 милиони деца. Европската комисија поставува цел до 2030 година бројот на луѓе во ризик од сиромаштија или социјална исклученост да се намали за најмалку 15 милиони, од кои најмалку 5 милиони деца, а до 2050 година да се помогне во искоренување на сиромаштијата во ЕУ. Овие бројки покажуваат дека сиромаштијата не е маргинален проблем. Таа е еден од најголемите тестови за тоа каква Европа градиме.
Европскиот пат мора да значи достоинствен живот
За Македонија, оваа стратегија треба да се чита како потсетник дека европеизацијата не смее да се сведе само на усогласување на законодавството, институционални реформи и отворање поглавја. Европскиот пат мора да значи и повисоки плати, достапно домување, силни јавни услуги, квалитетно образование, детска грижа, достоинствени пензии и заштита од енергетска сиромаштија.
Сиромаштијата не е индивидуален неуспех. Таа е политички и системски предизвик. Кога млад човек работи, а не може да се осамостои; кога семејство со две плати едвај покрива кирија, сметки и храна; кога старите лица избираат меѓу лекови, греење и достоинствен живот, тоа не се индивидуални неуспеси, туку системски проблем.
Затоа Македонија има потреба од сериозен национален пристап против сиромаштијата. Не како уште еден документ што ќе стои во фиока, туку како реална рамка според која ќе се мерат буџетите, законите и реформите. Секоја јавна политика треба да одговори на едно едноставно прашање: дали ги намалува нееднаквостите или ги продлабочува?
Работа, домување и јавни услуги
Една од најважните пораки во стратегијата е дека квалитетната работа е најдобрата заштита од сиромаштија. Но работата штити од сиромаштија само ако обезбедува приход доволен за живот, работнички права, социјална заштита и стабилност. Затоа не е доволно да зборуваме само за вработеност. Треба да зборуваме за достоинствена работа. Платата не смее да биде доволна само за преживување. Таа треба да овозможи сигурност и планирање иднина.
Истото важи и за домувањето. Европската комисија го третира пристапот до достапно, одржливо и квалитетно домување како предуслов за интеграција во општеството и на пазарот на трудот. Во документот се наведува дека 31,1% од домаќинствата со ниски приходи во ЕУ се преоптоварени со трошоци за домување, а околу 1 милион луѓе во ЕУ се соочуваат со бездомништво. Ова е особено важно за Македонија. Домувањето не смее да биде само пазарно прашање. За младите, тоа е предуслов за независност, формирање семејство, останување во земјата и планирање иднина.

Западен Балкан не е надворешен проблем на Европа
Најважната политичка порака од оваа стратегија за нашиот регион е следнава: сиромаштијата во Западен Балкан не смее да се третира како проблем што Европа може да го остави „надвор“ од своите граници до денот на членството. Со секој чекор кон проширување, сиромаштијата во регионот станува и европско прашање.
Ако земјите од Западен Балкан станат дел од ЕУ без реална социјална конвергенција, тогаш Унијата нема само да добие нови членки. Ќе добие и нови внатрешни линии на нееднаквост: региони со пониски плати, послаби јавни услуги, повисок ризик од сиромаштија, иселување и недоверба во институциите. Затоа проширувањето не смее да биде само геополитички, институционален или пазарен процес. Тоа мора да биде и социјален проект.
Особено важно е што во финалниот текст на стратегијата е препознаена и димензијата на проширувањето. Во документот се наведува дека процесот на проширување на ЕУ е клучен акцелератор за социјална инклузија, вработување и намалување на сиромаштијата во земјите кандидатки и потенцијални кандидатки, а ангажманот на ЕУ во оваа област треба да се разбере како стратешка инвестиција во нивните општества, идната интеграција и конкурентноста на внатрешниот пазар.
Ова признание не е случајно. Важно е да се истакне и придонесот на Македонската платформа за борба против сиромаштија – МППС, како дел од пошироките европски мрежи и заложби сиромаштијата во земјите кандидатки да биде препознаена како европско прашање. Преку ангажманот на Билјана Дуковска, како потпретседатека на ЕАПН (Европска мрежа против сиромаштија), перспективата на Западен Балкан добива поголема видливост во оваа европска дебата. Токму ваквите придонеси покажуваат дека сиромаштијата во земјите кандидатки не треба да се третира само како локален проблем, туку како прашање директно поврзано со идната социјална кохезија на Европската Унија.
Проширување на достоинството, не само на пазарот
Ова е суштината: проширувањето ќе биде успешно само ако со него се прошири и достоинството, а не само пазарот. Западен Балкан не смее да се натпреварува со евтина работна сила, ниски плати и слаби јавни услуги. Нашиот регион треба да се натпреварува со знаење, достоинствен труд, стабилни институции и политики што им даваат причина на луѓето да останат. Европската интеграција мора да значи приближување кон европски животен стандард, а не само приближување кон европско законодавство.
Европа не може да биде силна ако е длабоко нееднаква. Не може да биде демократска ако милиони луѓе живеат во постојан страв од сметки, кирија, храна, лекови и неизвесност.
За Македонија, ова значи дека европската агенда мора да стане и социјална агенда. За Западен Балкан, тоа значи дека проширувањето мора да биде процес на реална социјална конвергенција. За Европа, тоа значи дека сиромаштијата во земјите кандидатки не е надворешен проблем, туку идно внатрешно прашање на Унијата.
Ако сакаме европска Македонија, мораме да градиме и социјална Македонија.
Затоа што Европа започнува таму каде што човекот може да живее достоинствено.

*Марко Михаилоски е извршен директор
на Прогрес Институт за социјална демократија