Почнаа двајца, Гордана и Ханес, 6 години подоцна, „Генералка викенд“ има 100.000 волонтери

Генералка

На 8, 9 и 10 мај низ целата држава ќе се одржи шестото издание на најмасовната еколошка акција „Генералка викенд“, која и годинава ќе мобилизира десетици илјади волонтери во обид за чистење на јавните површини и подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Акцијата ќе се реализира истовремено на повеќе од 500 локации во околу 80 општини, со вклучување на над 600 организации, институции и компании, што ја прави најголема логистичка операција од ваков тип во земјава.

Организаторите посочуваат дека „Генералка викенд“ веќе прераснува во национална традиција која обединува граѓани од различни општествени сфери околу заедничка цел, почиста животна средина. Активностите ќе бидат координирани од општините во соработка со Црвениот крст, а покрај масовното чистење, акцијата има и силна едукативна компонента, насочена кон развој на одговорен однос кон отпадот и природата.

Официјалното отворање ќе се одржи на 8 мај во Скопје, каде што ќе се реализира голема акција за чистење на кејот на реката Вардар. На потегот од Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени повеќе тимови волонтери, со поддршка на јавните претпријатија и институциите, со цел уредување на една од најфреквентните рекреативни зони во главниот град.

Покрај главните активности, предвидени се и специјализирани акции на неколку клучни локации. Во Националниот парк Шар Планина ќе се спроведе чистење на диви депонии со вклучување на припадници на армијата, експерти за управување со отпад и локалното население, додека во Охрид ќе се реализира акција за заштита на крајбрежјето со учество на студенти, професори и граѓански организации.

Паралелно со теренските активности, во училиштата ќе се спроведува и еко-образовната програма „Еко час“, во соработка со Министерството за образование и УНИЦЕФ, со цел едукација на најмладите за значењето на заштитата на животната средина.

„Генералка викенд“ останува волонтерска иницијатива во која учесниците самостојно ја преземаат одговорноста за својата безбедност, а пораката на организаторите и оваа година е јасна: Преку заедничка акција и личен ангажман да се придонесе кон создавање почиста и поздрава средина за сите.

Гордана Софија и Ханес Јекл со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Гордана Софија и Ханес Јекл се искрата на Генералка викенд

Приказната за „Генералка викенд“ не почнува како голем проект со институционална тежина, туку како едноставна, речиси интимна реакција на Гордана Софија и Ханес Јекл кои повеќе не сакале да гледаат како нивната околина тоне во отпад. Во основата на нивната идеја е дека промената не мора да дојде „од горе“, туку може да започне од обичните луѓе од соседството, од викенд-акција, од неколкумина што ќе решат да направат нешто конкретно наместо само да негодуваат.

„Во првата година соработувавме со 10 општини кои мотивираа 1.000 волонтери да чистат низ градовите и селата. Имавме 26.000 волонтери во втората година, а во последните 2 години со нас се по околу 100.000 волонтери. И се разочаруваме кога ќе видиме дека исчистените места по неколку дена пак имаат фрлен отпад“, вели Гордана Софија за CRNOBELO.com. 

Токму таа искра со текот на времето прерасна во иницијатива која денес ја препознаваме како „Генералка викенд“, акција што успеа да го канализира акумулираното незадоволство од загадувањето во нешто продуктивно и обединувачко. Нејзините иницијатори Гордана и Ханес, а потоа и активистите и општествено одговорните поединци и организации, тргнале од едноставното прашање: ако сите гледаме отпад околу себе, зошто никој не почнува да го расчистува? Одговорот го понудиле сами – ќе почнеме ние.

Во раните изданија, акцијата беше скромна, со ограничен број локации и волонтери. Но токму таа непосредност, чувството дека секој може да се вклучи без формалности и без бариери, станала нејзина најсилна страна. Луѓето почнале да се препознаваат во идејата. Соседи повикувале соседи, ученици ги мотивирале родителите, локални активисти ги ангажирале општините. Така, од една иницијатива, „Генералка викенд“ почнала да се шири како движење.

Клучниот момент во нејзиниот раст не е само бројот на собран отпад, туку фактот дека акцијата ја надмина поделбата на „надлежни“ и „граѓани“. Институциите постепено се приклучија, но не како носители, туку како партнери на една веќе жива граѓанска енергија. Таа симбиоза меѓу волонтеризмот и логистичката поддршка овозможи акцијата да добие размери што денес вклучуваат десетици илјади луѓе и стотици локации.

Но вистинското „човечко лице“ на „Генералка викенд“ не се бројките. Тоа се сцените што се повторуваат секоја година: деца што за првпат сфаќаат што значи одговорност кон природата, пензионери што велат дека конечно гледаат смисла во заедничка акција, млади што наместо на кафе одат на чистење, цели семејства што го претвораат викендот во нешто повеќе од одмор. Тоа е чувството дека, барем за момент, заедницата функционира.

Зошто оваа иницијатива успеа таму каде што многу други кампањи не успеваат?

Веројатно затоа што не нуди апстрактни ветувања, туку конкретна акција со видлив резултат. Кесата што ќе ја наполниш со отпад, местото што ќе го исчистиш, тоа е директна, опиплива промена. А луѓето веруваат во она што можат да го видат и допрат.

Во земја во која често доминира чувство на немоќ и недоверба, „Генералка викенд“ понуди поинаков наратив: дека заедничкото делување има смисла, дека граѓаните можат да бидат двигатели, а не само критичари. И токму затоа акцијата не е само еколошка, туку и општествена. Таа гради доверба, создава навика за учество и ја враќа идејата за заедничко добро.

Можеби најважната причина за нејзиниот успех е што никогаш не се обидела да биде „туѓа“ или наметната. Таа остана своја, локална, отворена и достапна за секого. И токму затоа ја прифатија сите заедници во земјата, без разлика на разликите.

На крајот, „Генералка викенд“ не е само акција за чистење. Таа е потсетник дека промената често почнува од наједноставните работи: Од одлуката да се наведнеш, да земеш отпад и да кажеш: ова е и мој проблем, но и моја одговорност.

Зачлени се на нашиот е-билтен