Предметот за модуларните болници затворен, Филипче бара извинување од Мицкоски

По одлуката на Обвинителството да го затвори предметот за набавката на модуларните болници, Венко Филипче побара Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ да се извинат за, како што оцени, петгодишната кампања против него. Обвинителството утврдило дека нема основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, ниту штета на Буџетот во постапките за набавка на 19 модуларни болници. 

Филипче на денешната прес конференција изјави дека одлуката на Обвинителството, според него, потврдува дека во неговото работење немало злоупотреба на службената должност ниту финансиска штета за државата.

„Пет години зборат за мене дека сум убиец“, рече Филипче, обвинувајќи ги Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ дека го споредувале со убиец и со доктор Менгеле. Тој посочи дека политичките напади продолжиле и по објавувањето на одлуката на Обвинителството. 

Лидерот на СДСМ истовремено изрази жалење за 14 луѓе кои ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во Тетово и порача дека сочувството кон семејствата на загинатите останува.

Тој побара ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски да им се извинат токму на семејствата на загинатите, затоа што, како што рече, со години ги користеле нивната болка и трагедија за политички пресметки. Побара извинување и од граѓаните поради, како што оцени, ширењето невистини за случајот. 

Одлуката на Обвинителството следува по повеќегодишна предистражна постапка поврзана со јавните набавки за 19 модуларни болници. Во образложението се наведува дека не се утврдени основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување или за друго кривично дело кое се гони по службена должност. 

Случајот, сепак, не го смета за затворен премиерот Христијан Мицкоски. Тој денеска ја оцени одлуката на Обвинителството како скандалозна и порача дека доколку во иднина се појават нови детали, предметот може повторно да биде актуализиран. 

Мицкоски притоа повторно се осврна на пожарот во тетовската модуларна болница, во кој загинаа 14 лица, и ја доведе во прашање одлуката на обвинителството да ја запре постапката за набавката.

Со тоа политичката пресметка околу модуларните болници продолжува и по затворањето на предметот за набавката. Додека Филипче одлуката ја гледа како потврда дека против него биле ширени невистини, Мицкоски остава отворена можност случајот повторно да биде разгледуван доколку се појават нови сознанија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?