Наместо дијалог, нови ровови: Препукувања на првата средба Муцунски-Петрова-Чамова

Муцунски

Првата средба меѓу новата бугарска министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова и македонскиот министер Тимчо Муцунски наместо сигнал за смирување на тензиите и отворање простор за дијалог, донесе уште подлабоко нагласување на разликите меѓу Скопје и Софија.

Уште на самиот старт, двете страни покажаа дека остануваат цврсто вкопани во сопствените позиции, без видлива подготвеност за минимално приближување или за внимателно градење доверба.

Краток разговор или средба, длабок јаз

Средбата, односно спорот околу тоа дали воопшто станувало збор за „средба“, симболично ја отслика состојбата во македонско-бугарските односи. Додека бугарската министерка говореше за „добра прва средба“, македонскиот министер возврати дека не станувало збор за официјален состанок, туку за кратка размена на зборови на маргините на настан.

Петрова-Чамова по контактот порача дека „имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија (Тимчо Муцунски). Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да изгубат“.

Со ова Софија уште еднаш испрати порака дека нема намера да отстапи од рамката воспоставена со францускиот предлог и обврските што произлегуваат од него, пред сѐ уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Дополнително, бугарската министерка нагласи дека зад оваа политика постои широк консензус во Бугарија.

„Драго ми е што имаме многу широк политички консензус за тоа во Бугарија. Ова им го кажав и на нашите северно-македонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна што ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат“, изјави Петрова-Чамова.

Таа испрати и предупредување дека Скопје може да ја пропушти актуелната геополитичка шанса за интеграција во Европската Унија.

„Тие имаат единствена можност. Гледаме дека земји како Црна Гора и Албанија остваруваат сериозен напредок. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да изгубат. Да се држат до постигнатиот договор во 2022 година и да преземат потребни политички чекори. Да го отворат својот европски пат“.

Нови министри, стари конфликти

Но, наместо сигнал дека има простор за пофлексибилна комуникација, од македонска страна стигна остар и дефанзивен одговор. Муцунски реагираше најпрво на користењето на терминот „северномакедонски партнери“, што во Скопје одамна се доживува како негирање на македонскиот национален идентитет.

„Користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на иденти“.

Потоа следуваше и директно минимизирање на самиот контакт меѓу двајцата министри.

„Би сакал да појаснам дека денес немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“.“

Длабока е недовербата

Токму оваа разлика во интерпретацијата на еден дипломатски контакт покажува колку длабока е недовербата меѓу двете страни. Наместо дипломатска воздржаност и обид за создавање позитивна атмосфера, првиот ден донесе јавна кавга околу терминологија, формулации и политички позиции.

Македонско-бугарскиот спор веќе со години е една од главните пречки за европската интеграција на Северна Македонија. Иако двете земји во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, односите брзо повторно влегоа во криза поради различните толкувања на историјата, јазикот и идентитетот. Софија подоцна стави вето на почетокот на преговорите на Скопје со Европската Унија, барајќи гаранции дека Македонија ќе ги исполни бугарските услови поврзани со историските прашања и правата на Бугарите во земјата.

Францускиот предлог од 2022 година овозможи формално отворање на преговорите со ЕУ, но истовремено ги внесе бугарските барања директно во европската рамка. За официјална Софија тоа е доказ дека прашањето повеќе не е билатерално, туку европско. За голем дел од македонската јавност, пак, тоа останува пример за европеизација на билатерален спор и дополнителен притисок врз македонскиот идентитет.

Токму затоа првата средба меѓу Петрова-Чамова и Муцунски не беше само обичен дипломатски контакт. Таа стана показател дека односите меѓу Скопје и Софија и натаму се движат во атмосфера на политичка недоверба, чувствителност и натпревар во наративи. Наместо отворање нова страница, првиот контакт донесе впечаток дека двете страни остануваат во ровови од кои засега не се гледа пат кон вистинско приближување.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано