Неизвесен изборот на македонски судија во Стразбур, новите правила налагаат фер и транспарентен процес на номинација и избор

Стразбур
From Wikipedia, the free encyclopedia

Дали е доведен во неизвесност изборот на македонски судија во Стразбур? Новите правила налагаат фер и транспарентенпроцес на номинација и избор.

Ова е вест мора што мора да ја знае јавноста во Македонија, како и да биде запознаена со нововостановените правила за избор на судии во Стразбур.

На 23 април, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ/PACE) донесе резолуција за подобрување на процедурата за избор на судии во Европскиот суд за човекови права.

Кога ќе ги прочитате причините поради кои е донесена оваа резолуција, имате чувство како да била инспирирана од постапката за избор на кандидати за судии во Стразбур во Македонија.

ПССЕ воведе низа подобрувања во начинот на кој избира судии во Европскиот суд за човекови права, со цел да се обезбеди фер, транспарентен и ефикасен процес на номинација и избор.

Усвојувајќи резолуција врз основа на извештај подготвен од Петра Бајр (Австрија, SOC), презентиран од Агнес Прамер (Австрија, SOC), Собранието истакна дека: „Во време кога системот на Конвенцијата се соочува со невидени предизвици, поважно од кога било е да се зајакне авторитетот на Европскиот суд за човекови права, обезбедувајќи сите негови судии да поседуваат највисоко ниво на стручност, независност и непристрасност, како и постапката за нивен избор да биде фер, транспарентна и ефикасна.

Пратениците идентификуваа примери на добра пракса во изборот на кандидати на национално ниво. Тие, исто така, ја нагласија важноста кандидатите да имаат значително професионално искуство и познавање на националниот правен систем, како и придобивките од родовата рамнотежа.

Тие изразија загриженост поради доцнењата кај некои влади во поднесувањето на листите на кандидати и предложија измена на Европската конвенција за човекови права со која би се ограничило продолжувањето на мандатите на актуелните судии на максимум една дополнителна година по истекот на нивниот деветгодишен мандат.

Исто така, се осврнаа на соработката меѓу Собранието и Советодавниот панел на експерти, кој им дава насоки на владите во однос на кандидатите.

ПССЕ има посебна комисија која го надгледува процесот на избор на судии во Судот.

Ова значи дека сегашниот наш судија, Јован Илиевски, бидејќи мандатот од 9 години му заврши на 1ви февруари, ќе може да седи максимум до 1ви февруари 2027, а потоа ако во меѓувреме не се избере нов судија, местото ќе стои празно.

Следат важни делови од усвоената Резолуција

Изборот на судии во Судот е повеќефазна постапка со јасна распределба на улогите: одговорност на високите договорни страни, со помош на Советодавниот панел на експерти (во натамошниот текст „Советодавен панел“), е да номинираат три кандидати, од кои секој мора да ги исполнува условите за подобност утврдени во член 21.1 од Конвенцијата; додека Парламентарното собрание, со помош на својата Комисија за избор на судии во Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст „Комисија за избор на судии“), избира еден од трите кандидати, во согласност со исклучивата надлежност што му е доделена со член 22 од Конвенцијата.

Како што е нагласено во Копенхашката декларација од 2018 година, Комитетот на министри и Собранието треба „да работат заедно, во целосен и отворен дух на соработка, во интерес на ефикасноста и кредибилитетот на системот на Конвенцијата, за да го разгледаат целиот процес на селекција и избор на судии во Судот, со цел да се обезбеди дека процесот е фер, транспарентен и ефикасен и дека се избираат најквалификуваните и најкомпетентните кандидати“.

Со текот на времето, Собранието посветува сè поголемо внимание на правичноста и транспарентноста на националните постапки за селекција, земајќи ги предвид Насоките на Комитетот на министри за избор на кандидати за функцијата судија во Европскиот суд за човекови права, усвоени во 2012 година (CM(2012)40).

Така, на пример, Собранието одбивало листи поради процедурални причини кога Советодавниот панел не бил соодветно консултиран, кога националната постапка за селекција била доминирана од претставници на владата, кога постапката не била доволно транспарентна или кога не можело да се претпостави дека членовите на телото за селекција се ослободени од недозволено влијание. Собранието ги зема предвид одлуките на Комитетот на министри од 7 и 8 февруари 2024 година, со кои се повикува Собранието, при одбивање на листа поради процедурални причини, да ги разгледа можностите за објавување на своите заклучоци и образложенија. Во таа насока, Собранието нагласува дека конкретните причини за одбивање поради процедурални причини им се доставуваат на засегнатите влади и се наведуваат на концизен и ненаведувачки начин (без посочување на државата) во меморандумот подготвен од Генералниот секретар на Собранието, кој редовно се ажурира. Ова треба да им овозможи на државите-членки да согледаат како Собранието ги применува насоките на Комитетот на министри во пракса, со цел да ги подобрат своите постапки за селекција.

Советодавниот панел, исто така, идентификуваше низа предизвици, недостатоци и практики кои не ги исполнуваат потребните стандарди во однос на националните постапки за селекција.

Посебно важно е за националните постапки за селекција е укажувањето на недоволна јавност, мал број лица кои се пријавуваат на јавните повици за кандидати, и особено важно: неурамнотежниот или политизиран состав на телата за селекција, недостиг на транспарентно донесување одлуки или неоправдано исклучување на високо квалификувани кандидати.

Иако државите-членки имаат одредена слобода во организирањето на националните постапки за селекција, во новата резолуција се нагласува дека насоките на Комитетот на министри, како и неговите сопствени релевантни резолуции, треба целосно да се спроведуваат.

By CherryX - Own work, CC BY-SA 3.0, https://en.wikipedia.org/w/index.php?curid=38007603

Резолуцијат на ПССЕ ги вклучува следните задолжителни правила:

 – Да се обезбеди минимален рок од еден месец за поднесување пријави;

Извршната власт да не доминира во составот на националното тело за селекција, при што мнозинството од неговите членови да доаѓаат надвор од владината структура, на пример од судството, институцијата на народниот правобранител, адвокатските комори и академската заедница;

– Номиналниот состав на националното тело за селекција однапред да се објави и да биде јавно достапен;

Општиот состав на националното тело за селекција и деталите за постапката да бидат утврдени во соодветен пропис (закон или владина уредба), а не да се остават на дискреција на надлежниот министер;

– Да се преземат мерки за обезбедување што е можно поголема родова рамнотежа во националните тела за селекција, како што претходно препорача Собранието;

Претставници на граѓанското општество, правничките професии и независните институции да имаат право да присуствуваат на интервјуата како набљудувачи;
Националното тело за селекција да побара совет од поранешни судии на Судот во однос на конкретната држава

Овде една мала дигресија за да потсетиме дека во македонската постапка за предлог листата за судии во Стразбур, поранешната судијка во ЕСЧП Маргарита Цаца Николовска тотално беше игнорирана, а Мирјана Лазарова-Трајковска е дел на Советодавниот панел, па мораше да се изземе.

Следуваат и другите нови правила:

– Јазичните способности на кандидатите да се тестираат писмено и усно за време на интервјуата;

Доколку крајниот одлучувач размислува да отстапи од препораката на националното тело за селекција, мора да побара мислење од тоа тело за сите кандидати кои не биле ставени во потесниот избор;

Релевантните документи на Советот на Европа за избор на судии да се преведат на националниот јазик и да им бидат достапни на сите членови на националното тело за селекција.

Во однос на материјалните критериуми за кандидатите, согласно член 21.1 од Конвенцијата, Собранието ја нагласува потребата кандидатите да мора да поседуваат соодветно професионално искуство и независност за вршење на таква висока судиска функција во меѓународен суд.

Ова произлегува од фактот дека Собранието со загриженост нотира дека некои влади имаат тенденција да предлагаат помлади и помалку искусни кандидати. Ова укажува дека сè уште постои простор за подобрување во привлекувањето и предлагањето високо квалификувани кандидати, особено оние со обемно судиско искуство на највисоките национални судови.

Стручноста и искуството во областа на човековите права, иако не произлегуваат строго од член 21.1 на Конвенцијата, исто така треба да се земат предвид при севкупната оценка на кандидатите.

Во однос на родовата рамнотежа, Собранието жали што жените се недоволно застапени во Судот, бидејќи сочинуваат помалку од 40% од вкупниот број актуелни судии.

Собранието е длабоко загрижено поради доцнењата во поднесувањето на листите на кандидати од страна на некои држави-членки, вклучително и оние што треба да заменат еден или повеќе кандидати по одбивање од страна на Собранието. Оваа состојба резултира со фактичко продолжување на мандатот на актуелните судии (во некои случаи значително) по истекот на нивниот мандат, врз основа на член 23.2 од Конвенцијата, или со отсуство на актуелен судија за таа држава.

Собранието смета дека дојдено е време да се воведе механизам за обесхрабрување на оваа појава и да се изврши притисок врз засегнатите држави-членки навремено да поднесуваат соодветни листи на кандидати. Ова би можело да се постигне преку измена на член 23.2 од Конвенцијата, со што би се дозволило максимално едногодишно дополнително продолжување на мандатот по истекот на деветгодишниот период.

12 Собранието забележува дека неговите правила и постапки за избор на судии постојано се развивале низ годините. Оние што моментално се применуваат за Комисијата за избор на судии ѝ овозможуваат на Комисијата ефикасно да ја извршува својата улога на интервјуирање на кандидатите и да му помага на Собранието при изборот на најквалификуваните судии во Судот, притоа заштитувајќи го угледот на сите кандидати што влегле во потесниот избор.

Понатаму, Собранието ги повикува државите-договорнички на Конвенцијата да ги следат и спроведуваат Насоките на Комитетот на министри за избор на кандидати за функцијата судија во Европскиот суд за човекови права, како и резолуциите на Собранието за избор на судии и насоките и мислењата на Советодавниот панел, имајќи ги предвид идентификуваните добри практики.

Ги повикува националните парламенти на државите-договорнички, како и националните институции за човекови права, да се информираат за тековните национални постапки за селекција и да ја подигнуваат свеста за изборот на судии во Судот на национално ниво;

Парламентарното Собрание на Советот на Европа ги охрабрува националните институции за човекови права, граѓанското општество и здруженијата на правни професии внимателно да ги следат националните постапки за селекција и да придонесуваат за нивно континуирано подобрување.

ПССЕ го повикува Советодавниот панел јасно да ги укаже сите недостатоци што ги идентификувал во однос на конкретни национални постапки за селекција во своите мислења до владите и во своите писмени забелешки до Собранието

Зачлени се на нашиот е-билтен