Силното невреме што го зафати Кочанскиот регион тешко го оштети вековниот даб во селото Бели, едно од најпрепознатливите природни обележја на овој крај. Жителите предупредуваат дека дрвото, старо повеќе од 500 години, е сериозно загрозено и бараат итна реакција од институциите и стручните служби.
По невремето на социјалните мрежи беше објавен апел за помош, со повик да се вклучат стручни лица, институции, компании и сите кои располагаат со потребна опрема или знаење за санација на оштетеното дрво.
Жителите велат дека дабот не е само старо дрво, туку дел од историјата и колективната меморија на Бели. Со генерации бил место околу кое се собирале жителите, а денес претставува еден од симболите на селото.
Неговото значење е и официјално признаено. Во државните документи дабот е наведен како заштитена природна реткост „Даб благун – село Бели“, сместена во дворот на манастирот „Св. Илија“, на околу 1,5 километар северозападно од селото. Со решение објавено во „Службен весник“ во 2019 година, управувањето со природната реткост е доверено на Општина Кочани.
Во постари стручни документи дабот се опишува и како дрво старо околу седум века. Според студија за туристичкиот потенцијал на Источниот плански регион, тој е заштитен со закон и со години претставува еден од најпознатите природни симболи на Бели.
Официјалното решение за негова заштита предвидува континуиран мониторинг на здравствената состојба на дрвото и преземање активности за негово чување и одржување. Во документот е наведено и дека со природната реткост управува Општина Кочани, што ја става локалната самоуправа меѓу првите институции од кои сега се очекува реакција.
Невремето во Кочанско предизвика штети и на други објекти. Во селото Оризари силниот ветер откорнал покрив од семејна куќа, а последиците од бурното време се пријавуваат на повеќе локации во источниот дел од земјата.
За жителите на Бели, сепак, најголемата грижа е дабот. Оштетен објект може повторно да се изгради, велат тие во апелот, но дрво што преживеало неколку века не може едноставно да се замени.

