Нови лица, стара политика? Собранието денеска треба да го одобри новиот состав на Владата

Собранието

Кога премиерот Христијан Мицкоски ја најави првата реконструкција на Владата, очекувањата беа дека по две година мандат ќе следува политички пресек и кои политики треба да добијат нова насока. Наместо тоа, пред Собранието денеска ќе се најде кадровска реконструкција во која се менуваат осум министри, но без најава за суштински промени во владината програма или во стратешките приоритети.

Реконструкцијата опфаќа неколку од најзначајните ресори. За министер за здравство е предложен Сашо Клековски, кој доаѓа од директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, а на неговото место во Фондот треба да дојде досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински. На неговото место, пак, е предложен лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ.

Во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците треба да дојде Агон Ферати, додека ресорот правда ќе го преземе Јетон Шасивари. Министерството за земјоделство треба да добие нов министер во лицето на Борче Серафимовски, досегашен државен секретар, кој ќе го наследи Цветан Трипуновски.

Промени се предвидени и во Министерството за социјална политика, демографија и млади, каде што Ѓоко Велковски од позицијата заменик-министер треба да стане министер, како и во Министерството за култура и туризам, каде што Седат Сулејмани ќе го наследи Зоран Љутков. Владата предлага и нов министер без ресор задолжен за инклузија и спроведување на Стратегијата за Ромите – Ерџан Демир, а дополнително се очекува премиерот да го соопшти и кандидатот на Демократската партија на Турците, која со проширувањето на владејачкото мнозинство ќе добие министер без ресор.

На прв поглед, станува збор за обемна кадровска промена. Но ако се погледне политичката структура на реконструкцијата, впечатокот е поинаков. Најголем дел од предложените министри доаѓаат од самата администрација, од заменичките позиции или од институции што веќе функционираат во рамките на владината структура. Тоа упатува на континуитет, а не на пресврт во политиките.

Особено впечатлива е ротацијата меѓу институциите. Наместо вклучување нови луѓе со различни професионални профили или политички концепти, реконструкцијата главно се сведува на преместување функционери од една државна институција во друга. Таквиот пристап може да обезбеди административна стабилност, но отвора дилема дали е доволен одговор на предизвиците во ресори како здравството, правосудството, земјоделството или културата, каде јавноста со месеци очекува конкретни резултати, а не само кадровски промени.

Дополнителна политичка порака испраќа и проширувањето на владината коалиција. Со приклучувањето на Демократската партија на Турците, парламентарното мнозинство добива уште еден партнер, кој ќе биде претставен и во извршната власт. Тоа покажува дека реконструкцијата не е само прашање на оценка за работата на министрите, туку и дел од поширока политичка стратегија за консолидирање на владејачкото мнозинство во пресрет на новите политички предизвици, а зошто не и – избори?!.

Во тој контекст, реконструкцијата има две димензии. Првата е кадровска со замена на министри и прераспределба на функции. Втората е политичка со редефинирање на односите во владината коалиција и обезбедување поширока парламентарна поддршка.

Она што засега недостига е одговорот на прашањето зошто токму овие министри се заменуваат и по кои критериуми е оценувана нивната работа. Владата не презентираше јавна анализа на остварените резултати, ниту образложи дали смените се последица на неисполнети политики, слаби перформанси или на потребата од нов политички баланс во коалицијата.

Но, иако немаше јавно образложение од тој аспект, за некои од реконструираните слабите перформанси се ода далеку видливи.

Затоа утрешната собраниска седница ќе биде повеќе од формално гласање за нов состав на Владата. Таа ќе биде можност премиерот Мицкоски да објасни дали реконструкцијата претставува признание дека во одредени ресори се потребни суштински промени или, пак, станува збор за политичка и кадровска ротација што нема да го промени курсот на Владата.

Одговорот на тоа прашање нема да се добие со изборот на новите министри, туку со нивните први потези. Зашто реконструкцијата сама по себе не е политика. Таа е само можност политиката да почне да дава поинакви резултати. Ако тие изостанат, тогаш оваа прва реконструкција ќе остане запаметена како промена на имиња, а не како промена на владеењето.

Најчитано