Одложена е седницата за разрешување на Коцевски од функцијата јавен обвинител што беше предлог на Владата

Одложена седницата на Советот на јавни обвинители на која требаше да биде разгледан предлогот за разрешување од функцијата Јавен обвинител на РСМ поднесен од Владата. Седницата, како што информираше претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, е одложена поради немање на кворум – отсуство на тројца членови и за се понатаму јавноста ќе биде дополнително информирана. 

Предлогот за разрешување на државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски е втора точка на дневен ред на 22 седница, која првично беше закажана за 18 март, но Советот ја одложи поради седумдневна жалост прогласена по трагедијата која се случи во Кочани.

Роковите за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски се уште течат и Советот ќе треба да го разгледа предлогот најдоцна следната недела.

Премиерот Христијан Мицкоски, вчера изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.

-Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по настан за отпочнување на градба на парк во населба Радишани.

Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.

Коцевски, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него. 

Зачлени се на нашиот е-билтен