На виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Битола му е одземен пасошот и му е забрането да презема определени работни активности, откако Обвинителството отвори постапка поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на осомничениот му определил мерки на претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности.
Според Обвинителството, постојат основи на сомнение дека вишиот обвинител го користел своето влијание и службената положба за да влијае врз одлуките на други јавни обвинители и судии во најмалку четири предмети.
Тој, според сомненијата, ургирал за пониски казни или за обезбедување поповолна положба на осомничени и обвинети лица во кривични постапки.
Во рамки на истрагата биле извршени претреси во неговиот дом во Прилеп и во службените простории што ги користел во Вишото јавно обвинителство во Битола.
МВР соопшти дека при претресите биле пронајдени и одземени шест мобилни телефони, еден персонален компјутер и еден УСБ-уред.
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава против 61-годишниот П.В. од Прилеп за „примање награда за противзаконито влијание“.
Обвинителството продолжува со испитување на случајот и прибирање дополнителни докази. Против решението за мерките на претпазливост странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.

