Охридското Езеро добива парапет, Пецаков одговорите ги остави за подоцна

Градежните зафати на брегот на Охридското Езеро предизвикаа реакции кај граѓаните, а градоначалникот Кирил Пецаков на 7 октомври потврди дека инспекторатот извршил увид. Сепак, не даде конкретно објаснување што се гради на плажата по Студенчишкиот канал и дали работите имаат соодветна документација.

На фотографии и видеа објавени во фејсбук-групата „Пишувајте за Охрид“ се гледа камен ѕид на крајбрежјето кај Билјанини извори и некогашната „Ајван плажа“. Граѓаните реагираат на интервенцијата непосредно до водата и бараат објаснување кој ја дозволил и за што е наменета.

Пецаков најави дека Општината ќе може поконкретно да информира откако ќе го добие записникот од инспекцискиот надзор и ќе биде утврдена фактичката состојба. Одговорите за намената на зафатот и документацијата така останаа за подоцна, иако градежната интервенција веќе е видлива.

Во неговото објаснување, инспекцискиот увид е единствениот конкретен чекор што го посочи за случајот. Но, излегувањето на инспекторите на терен само по себе не утврдува дали градбата е дозволена. За таква оценка се потребни наодите од надзорот, кои Пецаков најави дека допрва ќе ги соопшти.

На истиот брифинг, градоначалникот зборуваше и за затворениот базен, уште еден проект што со години чека завршување. За продолжување и довршување на изградбата се обезбедени 470 милиони денари, но Пецаков не понуди конечен рок. Неговата проценка е дека ќе бидат потребни уште година и пол, најмногу две години.

Како главен проблем го посочи машинското одделение, односно снабдувањето со топла вода и потрошувачката на електрична енергија. Во проектот се прават измени за поголема енергетска ефикасност и се разговара со потенцијални изведувачи.

Конечниот рок за базенот, според Пецаков, ќе биде познат по отворањето на тендерската документација.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?