Законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ не беше ставен на дневен ред на денешната собраниска седница, откако процедуралните забелешки прераснаа во жестока расправа со навреди, предупредувања и остри дофрлувања меѓу пратениците. Претседателот на Собранието Африм Гаши ја прекина седницата и свика вонредна координација со координаторите на пратеничките групи, по која беше постигнат компромис законот да се разгледува по летниот одмор на пратениците.
Тензиите почнаа уште пред утврдувањето на дневниот ред. Пратениците од ДУИ, Албанска лига и Алијанса за Албанците обвинија дека седницата е закажана спротивно на собраниските процедури и дека не добиле образложение зошто законот треба да се разгледува итно.
Пратеникот Сали Мурати посочи дека во краток период биле закажани три седници и дека материјалите не биле доставени најмалку десет дена однапред. Тој побара Гаши да објасни каква криза, елементарна непогода или друга неодложна состојба го оправдува итното свикување на седницата.
Собранискиот деловник предвидува материјалите и предложениот дневен ред по правило да им бидат доставени на пратениците најмалку десет дена пред седницата. Во итни случаи, сепак, претседателот на Собранието може да свика седница во пократок рок и да го предложи дневниот ред и на самата седница. Спорот во салата не беше само дали Гаши има такво овластување, туку дали итноста била доволно објаснета и дали материјалите биле формално уредни.
Пратеничката Илире Даути дополнително реагираше дека материјалите доставени на албански јазик немале потпис од претседателот на Собранието и архивски број. Според неа, документот бил потпишан само во верзијата на македонски јазик, што таа го оцени како непочитување на Законот за употреба на јазиците и на собраниската процедура.
Гаши одговори дека поради итноста на седницата немал време да ги потпише материјалите и на албански јазик. Тој се повика на деловничката можност за свикување итна седница и предупреди дека нема да дозволи процедуралните обраќања да се користат за блокирање на работата на парламентот.
Расправата дополнително се вжешти откако координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, го оцени објаснувањето на Гаши како нелогично и повторно побара образложение за итноста. Гаши ѝ возврати да внимава на речникот и најави дека ќе го одзема зборот доколку пратениците повеќепати ја повторуваат истата процедурална забелешка.
Во расправата се вклучи и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, по што Даути му порача од говорницата да каже што има. Таа го предупреди Гаши да биде внимателен во односот кон албанскиот јазик, изјавувајќи дека нема да му биде простено доставувањето непотпишани материјали и дека единствениот начин „да се спаси“ е да го повлече законот.
Пратеникот Халил Снопче го обвини претседателот на Собранието за узурпирање на процедурата и праша дали парламентот функционира како демократска или автократска институција. Гаши му одговори дека сакал да го зачува неговиот авторитет, но дека начинот на кој пратениците се однесуваат зависи од нив самите.
Аднан Азизи од владејачката коалиција Вреди, пак, ја обвини албанската опозиција дека намерно создава тензии и го користи прашањето за албанскиот јазик за политичка претстава пред камерите. Според него, целта на процедуралните забелешки била блокирање на седницата и спречување на расправата за законот.
По повеќеминутната расправа на висок тон, Гаши ја прекина седницата и свика координација со претставниците на пратеничките групи. По координацијата, при утврдувањето на дневниот ред, тој не го предложи законот за „Скопје 2028“. Според информациите објавени по состанокот, договорено е текстот повторно да биде предложен на седница по собранискиот одмор во август.
Пратеникот Талат Џафери побара објаснување врз која основа Гаши ја тргнал точката, посочувајќи дека повлекување може да побара предлагачот на законот. Предлагачи на текстот се пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Гаши одговори дека неизгласувањето на точката било дел од компромисот постигнат на координацијата.
Собранискиот деловник предвидува дневниот ред да го предложи претседателот на Собранието, но конечната одлука за неговото утврдување ја носи пленумот. Пратениците и Владата можат да предлагаат внесување, одложување или повлекување точки пред утврдувањето на дневниот ред, при што за итните предлози треба да биде доставено писмено образложение.
Спорот во Собранието се случи откако Државната комисија за спречување на корупцијата предупреди дека предложениот закон содржи корупциски ризици. Комисијата реагираше на предвиденото изземање на фондацијата што ќе го спроведува проектот од редовните правила за јавни набавки и на намерата законот да биде донесен по скратена постапка.
ДКСК оцени дека носењето посебни закони со кои се ограничува примената на системските правила може да ги ослаби транспарентноста, конкуренцијата, правната заштита и контролата врз трошењето јавни средства. Комисијата побара секое отстапување од Законот за јавните набавки да биде детално образложено и придружено со ефикасни механизми за спречување корупција и судир на интереси.
