Правосудниот испит ја разби хомогеноста на Албанците

правосуден
Фото: Фисник Џелили, Порталб, Преземено од Мета.мк

Прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, кое на прв поглед изгледаше како уште една правна и административна дебата, за кратко време прерасна во тема што длабоко ја отвори политичката и општествената поделба во албанскиот блок во Македонија. Наместо вообичаената етничка кохезија околу прашањата поврзани со употребата на албанскиот јазик, овојпат на површина излезе жесток судир меѓу албанските партии, а со тоа и јасна пукнатина во самата албанска заедница.

Со години во македонската политичка јавност постоеше перцепција дека Албанците, без разлика на партиската припадност, настапуваат единствено кога станува збор за теми што ги сметаат за национални интереси – јазикот, правичната застапеност, образованието и институционалната еднаквост. Но случајот со правосудниот испит покажа дека таа хомогеност веќе не е апсолутна.

Во центарот на судирот се најдоа коалицијата ВЛЕН и ДУИ, кои меѓусебно се обвинуваат за политичка манипулација со прашањето за албанскиот јазик. ДУИ ја отвори темата со барање правосудниот испит да може да се полага и на албански, оценувајќи дека сегашната состојба претставува дискриминација и нарушување на уставната еднаквост. Партијата тврдеше дека непостапувањето по ова прашање „директно ги подрива темелите на уставниот поредок и меѓуетничкиот соживот“.

Но наместо поддршка од целиот албански политички спектар, следеше остар контранапад од ВЛЕН, која ја обвини ДУИ за лицемерие и политичко профитерство. Од коалицијата посочија дека токму кадрите на ДУИ, додека биле на власт, дозволиле правосудниот испит да остане само на македонски јазик. ВЛЕН директно го посочи поранешниот собраниски спикер Талат Џафери, тврдејќи дека во 2019 година со свој потпис го „запечатил исклучувањето на албанскиот јазик од правосудниот испит“.

Токму тука започна распадот на досегашната претстава за монолитноста на албанскиот политички корпус. Наместо заеднички фронт за јазично прашање, албанските партии започнаа меѓусебна пресметка за тоа кој е „вистинскиот заштитник“ на албанските права. Прашањето престана да биде само правно и стана инструмент за делегитимирање на политичкиот противник.

Дополнителна димензија внесе и протестниот бран меѓу студентите Албанци. Дел од студентските организации за денеска најавија масовни протести во Скопје, а организаторот Мевлан Адеми порача дека „Скопје ќе биде преплавено со црвено и црно“.

Но и тука единството брзо се распадна. ВЛЕН обвини дека протестите се инструментализирани од ДУИ и дека „зад студентските транспаренти се крие раката на ДУИ“. Од друга страна, ДУИ и дел од опозициските структури инсистираа дека станува збор за автентичен студентски револт.

Оваа меѓусебна конфронтација покажа дека албанската политичка сцена влегува во нова фаза – фаза во која повеќе не постои автоматска мобилизација околу етничките теми. Разликите меѓу партиите веќе не се само кадровски или коалициски, туку суштински политички и генерациски. ВЛЕН се обидува да ја урне децениската доминација на ДУИ токму преку напад врз нејзиниот легитимитет како „чувар“ на албанските интереси, додека ДУИ се обидува да ја задржи позицијата на главен претставник на албанскиот електорат преку мобилизација на чувствителни идентитетски прашања.

Случајот со правосудниот испит затоа е многу повеќе од дебата за јазикот на полагање. Тој стана симбол на пошироката политичка трансформација кај Албанците во Македонија. За првпат по долго време, се покажа дека албанскиот политички блок не е хомоген, а уште помалку неделив кога станува збор за националните теми. Наместо заедничка етничка агенда, на површина излезе жестока борба за политичка доминација, во која јазикот стана оружје во внатрешниот албански политички судир.

Најчитано