Се подготвува нов закон со кој на полициските службеници ќе им се овозможи да ги откупат становите во кои со години живеат како закупци.
Станува збор за службени станови што во изминатиот период им биле доделувани на вработени во полицијата за користење, а со новото законско решение тие би можеле да преминат во нивна сопственост.
Предлог-законот веќе е во подготовка и треба да ги утврди условите, критериумите и начинот на откуп на становите што ги користат полициските службеници.
Целта, според најавите, е да се реши долгогодишното станбено прашање на дел од вработените во МВР, кои со децении живеат во државни станови без можност да станат нивни сопственици.
Според информациите, моделот што се разгледува би овозможил откуп по поволни услови, а при утврдувањето на цената и правото на купување ќе се земаат предвид повеќе критериуми, меѓу кои должината на користење на станот и работниот стаж на полициските службеници.
Ова прашање со години беше актуелно меѓу вработените во полицијата, особено поради фактот што дел од службените станови се користат повеќе децении, а станарите досега немаа законска можност да ги откупат. Новото решение, според најавите, треба да стави крај на неизвесноста околу статусот на овие станови и да отвори можност тие да преминат во приватна сопственост на сегашните корисници.
