Бројот на младите во Ресен е намален за третина во последниве две децении. Регионот има слаба понуда на работни места и недостасуваат повеќе простори за социјализација и активизам. Дел од младите сакаат да останат во своето родно место, но има едно „ако“.
Автори: Марија Евтимовска* и Марјан Танушевски**
Александар Ламановски студира информатика во Битола, на половина час од родниот Ресен. Го привлекла современата програма на факултетот и можностите што во иднина се нудат во сферата на компјутерските науки. Но, тој додава дека ништо помал фактор во неговата одлука била близината на факултетот до неговиот дом.
Тој е еден од ретките што веќе сега го знае одговорот на прашањето со кое се соочуваат речиси сите негови врсници – каде се гледа себеси по завршување на студиите.
„Јас дефинитивно мојата иднина ја гледам во Преспа, но тоа најмногу ќе зависи од квалитетот на животот, како и од можноста за лично и кариерно надградување“, вели Ламановски.

Тој смета дека во Преспа постојат можности за кариерен развој, но истакнува дека се потребни силни инвестиции во регионот, кои би ги поттикнале и би ги мотивирале младите.
„Во Преспа има можности за младински бизнис, а потенцијалот за развој на претприемништвото е во локалното производство и туризмот, и евентуално во угостителството, и на тој начин ќе се видат сите убавини на Преспа“, додава Ламановски.
Младинските идеи, креативните предлози за подобар живот на младите од Ресен и Ресенско, и понатаму се непресушен извор на брегот од Преспанско Езеро. Но, млади има сѐ помалку низ Преспа. Податоците помеѓу двата пописа покажуваат дека бројот на млади во Општина Ресен, на возраст од 15 до 29 години, се намалил за дури 35,5 проценти.
Во 2002 година во Општината имало 3.524 лица на возраст помеѓу 15 и 29 години, додека во 2021 година тука живееле само 2.271 млади.
Младите бараат повеќе можности
Матурантката Александра Фузевска е задоволна од средношколскиот живот, но додава дека по часовите во Ресен не им се нудат многу можности.

Една од работите што вели дека недостигаат во градот е младински центар. Според неа, такво нешто е многу потребно за неа и за нејзините врсници – место што би им овозможило учество во активности, развивање нови идеи и дополнителна едукација.
„Планирам да студирам на Економски факултет во Скопје на насоката за сметководство, затоа што таа насока нуди можности за професионален развој. Сакам да живеам во Ресен доколку има подобри можности и перспективи за младите. Запознаена сум со Оперативниот план за млади и со мерките за младинска гаранција и сметам дека младите треба повеќе да се информираат за можностите што им ги нудат овие програми. Запознаена сум и со Законот за младинско учество и сметам дека младинските центри имаат важна улога во поддршката и активирањето на младите“, вели Фузевска.
Слични се размислувањата и на 17-годишната Дијана Секуловска, која нагласува дека во Преспанскиот Регион има квалитетни професори и добра основа за образование, но недостигаат посовремени можности, практична настава и други подобрувања.

„Во ресенската гимназија потребно е да се воведат нови училишни струки, како, на пример, информатика, која е барана на пазарот на трудот. Со повеќе атрактивни насоки, учениците нема да заминуваат да учат во Битола или во Охрид, каде што има поголем избор. Лично сметам дека дуалното образование има големо влијание, бидејќи учениците сакаат повеќе практична работа за полесно вработување по завршувањето на школувањето“, објаснува таа.
Секуловска додава дека би било корисно Општината да практикува работилници за професионален развој на младите, но и повеќе содржини за млади, какви што се културни и спортски настани на кои младите ќе минуваат повеќе време.
„Забавниот живот на младите во Преспа е мирен и ограничен, така што младите најчесто се собираат во кафулињата, па затоа се потребни повеќе манифестации за млади во текот на целата година“, вели младата ресенчанка.
Слушнати, но не и вклучени
Активистите велат дека и покрај тоа што Преспа е голема по површина, сепак е мала рурална средина во која има ограничени можности особено за младите луѓе. Иако во последните години забележливо е селењето на младите во поголемите градови, па и во странство, постојат примери каде што младите се враќаат назад во својот крај по завршувањето на школувањето.
Новите технологии што ги наметнуваат можностите за работни места од далечина, во денешницата даваат добра шанса за младите да творат и економски да се развиваат од дома.
„Со повеќе атрактивни насоки учениците нема да заминуваат да учат во Битола или во Охрид, каде што има поголем избор. Лично сметам дека дуалното образование има големо влијание, бидејќи учениците сакаат повеќе практична работа за полесно вработување по завршувањето на школувањето“Дијана Секуловска, средношколка
„Младите сакаат да се активни, но треба да бидат прашани и консултирани за нивните потреби, уште во процесите каде што се креираат локални стратегии“, велат од здружението „Еко герила Преспа“ и додаваат дека проблемот повеќе е на национално ниво, бидејќи треба да се работи на децентрализација на активности за млади, од спортски до забавни, културни, музички.

Оттаму велат дека потребно е побрзо да се имплементираат предвидените средства од Националната стратегија за млади, кои ќе се пренесуваат на локалните самоуправи, со што ќе има повеќе финансии со кои Општината ќе може да работи на големи проекти за младите.
За Теодора Проевска, како волонтерка во општинскиот Црвен крст, важно е локалната самоуправа да обезбеди простор за младите.
„Се сметам за проактивна личност, учествувам во работата на Црвениот крст и придонесувам во хуманитарни и едукативни активности, членувам во граѓанска организација каде што се вклучувам во еколошки акции и со овие ангажмани се трудам да придонесувам во заедницата како активен млад човек. Но, нам како млади луѓе ни недостасува простор за млади, повеќе можности за личен развој и поголема вклученост на младите при донесување одлуки“, вели Проевска.
Општина Ресен најавува поддршка за младите
Младите сѐ почесто користат дигитални алатки за комуницирање со властите, а властите традиционално и во континуитет се уверени дека го прават најдоброто за своите млади сограѓани.
„Нам како млади луѓе ни недостасува простор за млади, повеќе можности за личен развој и поголема вклученост на младите при донесување одлуки“Теодора Проевска, волонтерка во општинскиот Црвен крст
Науме Јошевски работи на младинските политики во Општина Ресен. Тврди дека Општината постојано вложува во младите.

„Свесни сме дека во последните години младите сѐ повеќе ни заминуваат надвор од дома во потрага по подобар живот. Од тој аспект, Општината веќе донесе стратегија за млади и работи на програми и активности од сите аспекти, забава, спорт, култура и слично, сѐ со цел да им го подобри животот на младите. Младите во последниов период често се вклучуваат во креирање програми преку организирани средби и во соработка со здруженија на младите. Даваат идеи, учествуваат и во давање предлози за нивните потреби. Сметам дека и со опцијата да може седниците на Советот на Општина Ресен да се следат, им се дава можност на младите да се вклучуваат со прашања до советниците, со предлози и иницијативи“, вели Јошевски.
Од Општина Ресен ветуваат скоро отворање на Младински центар, Канцеларија за млади и основање на Младински совет.
„Знам дека не е сѐ совршено и дека животот во помала средина е малку поограничен, но во исто време има и попозитивни страни од големите градови. Имаме повеќе мир, побавен живот. Преспа има и многу потенцијал за развој и би размислувал во таа насока. Општина Ресен до крајот на оваа година ќе има Младински центар. Младите ќе добијат простор каде што има поле и за креативност и за нивен развој. Со центарот ќе се стекнат подобри навики и за социјализација, која некако се губи во последно време. Нам како општина овој проект ни е од голема важност“, вели Јошевски.
Преспа може да биде место за иднината
Иако младите наведуваат дека сакаат да се вратат во родниот крај по едукацијата, тоа го условуваат со видливо подобрување на условите за живот, можности за работа и кариерен развој. Еден од горливите проблеми со кои се соочуваат е лошата инфраструктура, недоволно организиран и скап јавен превоз, особено од селата кон градот.
„Општина Ресен до крајот на оваа година ќе има Младински центар. Младите ќе добијат простор каде што има поле и за креативност и за развој на нив самите. Со центарот ќе се стекнат подобри навики и за социјализација, која некако се губи во последно време. Нам како општина овој проект ни е од голема важност“Науме Јошевски, Општина Ресен
Општинските власти овој проблем го релативизираат со податокот дека во некои села младите имаат развиени содржини по селските домови или имаат некаков клуб покрај селските продавници и дека убавината во преспанските села е во тоа што тие сепак се поблиску до крајбрежниот дел на Преспа и повеќето го користат тој туристички појас за анимација и рекреација.

Според Елена Веловска, студентка на Факултетот за економски науки при ФОН универзитет во Скопје, животот во Преспа може да биде уште поубав, бидејќи е во мирна средина, но на младите им недостигаат настани, мотивација и чувство дека нивниот труд е забележан и исплатлив.
„По завршување на студиите, сакам да се вратам во Преспа, ако има услови за вработување. Лично мислам дека Преспа има потенцијал, но на младите сега им недостигаат повеќе можности, особено за вработување. Затоа треба да им се понуди на младите избор за останување во Преспа или да се вратат во Преспа. Животот во Преспа може да биде уште поубав бидејќи е во мирна средина, но на младите им недостигаат настани, мотивација и чувство дека нивниот труд е забележан и исплатлив. Само така се можни поголеми промени“, ни рече Веловска.
Во очекување законите да се спроведат на дело, како што, на пример, е обврската за отворање младински центри во сите општини, граѓанските активисти од Ресен продолжуваат со остварување на своите креативни идеи, додека младите ресенчани се уверени дека младешката потиштеност не може уште долго време да се „прихранува“ со неинвентивна понуда и дека се можни подобри решенија за да запре иселувањето од Преспа.
*Марија Евтимовска е активистка во Здружението за заштита на животната средина Еко герила Преспа – Ресен
** Марјан Танушевски е новинар
Сторијата е преземена од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
