Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Протест на црквата против законите за родот со проруски шмек [галерија]

Бојан БЛАЖЕВСКИ*

Пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје вчера доцна попладне се одржа собир под мотото „Имаме должност“, против законите за родова еднаквост и за матична евиденција, во организација на Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Организаторите бараат повлекување од собраниска процедура на двата закона, за кои, како што велат, се сериозна закана за општеството и за семејството.

На собирот присуствуваа околу 4.000 лица и истиот помина во мирна атмосфера. Дел од нив пред соборниот храм пристигнаа со организиран превоз, па така десетици автобуси од Струмица, Струга, Охрид, Прилеп, Штип и други градови од земјава беа паркирани на булеварот Партизански одреди. Дел од присутните во рацете носеа икони и крстови, дел палеа свеќи пред Соборниот храм, а на голем транспарент беше напишано „Рацете подалеку од нашите деца“.

Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

И покрај тоа што најголем дел од присутните беа верници на МПЦ-ОА, јасно забележлива беше политичката нота на собирот, која ја создадоа неколку групации. Видно беше присуството на членови на проруската партија „Родина“ со маички на партијата и транспаренти. Потоа, членот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јовановски со неговите соборци на протестот беа дојдени со руски знамиња, а присутни беа и десетина припадници на „Ноќните волци“.

Партиски знамиња на протестот на МПЦ-ОА, скриншот

Ќулафкова: Трансродната приказна ги релативизира идентитетите до степен што ги укинува

На собирот прв се обрати архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, кој повика „да му се каже „да“ на животот и да се возгласи светоста на семејството, оформено од еден маж и една жена“.

„Кога најдобронамерно и секогаш љубовно, ненаметливо ќе кажеме нешто, се обидуваат да не замолчат со промена на тезите за секуларниот, односно световен карактер на државата, секогаш како по правило, толкувајќи ја секуларноста спротивно на Уставот, а во кој црквата и останатите верски заедници спомнати во него, имаат свое место и свои загарантирани права. Впрочем, секуларно општество не значи и безбожно општество“, рече поглаварот на МПЦ.

Тој пред присутните рече и дека црквата е „свесна за плановите и намерите на организации и движења“.

Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

„Тие до таа мера зајакнаа во нашето општество, што некои од нив навлегоа во државните институции, та и закони ни пишуваат. Закони, токму како оние два несреќни закона за родова еднаквост и за матична евиденција, кои насила и спротивно на нашата волја, не само целат да ја секуларизираат црквата туку и да ја присилат да зборува и да се изразува со јазикот на некојси светски поредок кој им е туѓ на духот и словото на Апостолите, на Светите оци и на Светото Евангелие“, рече г.г. Стефан и додаде дека во целост ја разбира „загриженоста и стравот кај граѓаните и родителите од неизвесната иднина на своите деца, ако тие два закона или некакви нови, станат обврзувачка реалност“.

Поглаварот на МПЦ упати апел до верниците да застанат во одбрана на семејството и да го запазат ликот Божји во човекот.

Академик Катица Ќулафкова на собирот се осврна на термините „род“ и „пол“.

Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

„Кога на македонски ќе прашате, од кој род некој потекнува или што е некој по род, тогаш мислите на етничката и семејната припадност, на генезата на некој човек, а не на неговите произволни идентитетски проекции“, рече таа.

Ќулафкова смета дека „симпатичната бајка за рамноправност на жените“, во меѓувреме се претвора во права на трансродови индивидуи и дека тоа е нешто што се крие зад законот за родова еднаквост.

„Приказната не е наивна. Таа создава конфузија меѓу поимите пол и род. Меѓу трансексуална и трансродова ориентација. И во самиот закон за родова еднаквост се мешаат поимите за пол и род, поради што законот во принцип не може да биде конзистентен и одржлив“, рече Ќулафкова.

Според неа, трансродноста, судејќи според реториката на социјалните мрежи, се чита тенденциозно, како оспорување на слободата на сексуалната експресија.

„Трансродната приказна ги релативизира идентитетите до тој степен што ги укинува. Таа создава сомнителни урбани митови, таа ги злоупотребува личниот идентитет и правото на приватност на децата и на младите. Зошто треба да се парадира со интимата, зошто треба да се дотура сол на раната на семејствата во кои се одвива драмата на промената на полот?“, рече Ќулафкова.

Таа неколкупати во својот говор го употреби зборот „изопачен, квир свет“.

„Се воведува нова дискриминација. Од една страна тој свет се залага за бесконечна трансродност, а од друга покажува нетрпеливост спрема хетеросексуалните идентитети. Воведувањето на над 100 варијанти на флуидни идентитети не е слобода, туку илузија за слободата“, рече Ќулафкова.

Законите за кои се протестира не се влезени во собраниска процедура

Во видео порака епископот Јаков Стобиски пред собирот ги повика учесниците „да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации“.

„Да останеме смирени, непотпаѓајќи под провокации на организции и луѓе кои перманентно и систематски го поткопуваат нашето општество и вредносен систем. Ве повикуваме да застанете во одбрана на верата, на слободата на мислење и говор, како и во одбрана на правото да постоиме како автентични христијани“, рече Стобиски.

Се огласи и Исламската верска заедница (ИВЗ), од каде изјавија дека нема да учествуваат на собирот, но дека за нив се неприфатливи законите за родова еднаквост и матична евиденција. Од ИВЗ напоменаа дека се залагаат за заштита на традиционалните семејни вредности и по структура и по морал.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска претходно објасни во која процедура се двата закона, и дека луѓето не треба да ги поврзуваат, бидејќи тоа создава конфузија.

Таа појасни дека Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста лице кое е трансродово, да ја смени дознаката во матичниот број, онаму каде се пишува полот, машки или женски. Од друга страна, Законот за родова еднаквост третира еднакви можности на жените и мажите. Овој закон, според неа, ја унапредува положбата на жените во сите сфери во општеството.

„Со овој закон ниту се третира менувањето на полот, ниту пак, истополовите бракови, туку се бави со подобрата положба на жените и еднаквите можности на мажите и жените во општеството“, појасни министерката.

Таа рече дека за Законот за матична евиденција, во март годинава, Владата на седница донела одлука да се повлече од собраниска процедура и за да се прошири консултативниот процес и да се изнајде решение кој ќе одговара на сите засегнати чинители во општеството.

За Законот за родова еднаквост, пак, Тренчевска информираше дека досега се одржани 18 јавни дебати. Тој сè уште е во консултативен процес и не е во владина процедура, објасни министерката.

МЕТА

*Бојан Блажевски е главен уредник на МЕТА, Доктор по политички науки на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања при УКИМ. Магистер по медиуми и комуникации, дипломиран новинар на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Стипендист на Балканската стипендија за новинарска извонредност. Добитник на наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија во 2018 г. Во Новинската агенција Мета е од февруари 2019 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен