СДСМ обвини дека Јавното обвинителство не постапува по нападот врз млади во Ново Село, иако, според опозициската партија, постојат јавни информации и сознанија за случајот, како и имиња на лица кои наводно учествувале во инцидентот.
На прес-конференција, Кети Штерјова порача дека станува збор за кривично дело за кое надлежните институции треба да постапат по службена должност, без да чекаат формално поднесена кривична пријава.
„Има сознание. Има јавни изјави. Има барања. Има имиња. А Обвинителството – молчи“, изјави Штерјова.
Од СДСМ тврдат дека меѓу лицата кои наводно учествувале во нападот се и Петар Марков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, и Наско Димитриев, член на партијата и возач на градоначалникот.
Партијата бара надлежните институции да ги проверат наводите и да утврдат дали овие лица, како и други учесници во инцидентот, имаат одговорност за нападот.
Штерјова ја критикуваше и работата на Јавното обвинителство и на државниот јавен обвинител, обвинувајќи ги дека не реагираат соодветно кога граѓаните бараат институционална заштита.
„Ова е свесно одбивање да се заштитат граѓаните кога насилниците се од владејачката структура“, порача Штерјова.
Од СДСМ истовремено побараа Обвинителството да постапи по службена должност и да утврди што точно се случило во Ново Село, кој учествувал во нападот и дали има основа за кривична одговорност.
Опозициската партија оцени дека случајот не смее да остане без институционална разрешница и најави дека, како што беше кажано на прес-конференцијата, „доаѓа време кога и ова ќе мора да се објасни“.
