Опозициската СДСМ обвини дека последиците од загадената вода во Гостивар, покрај граѓаните, сега ги трпат и приватните бизниси, откако Агенцијата за храна и ветеринарство изрече 30 казни и 12 забрани за работа по засилените инспекциски контроли.
Според партијата, поради ограничувањата и затворањата со кои се соочуваат дел од угостителските објекти, продавниците и производителите, штетата се префрла врз стопанството, иако, како што наведува СДСМ, тие не се одговорни за загадувањето на водата.
„Ниту еден од овие луѓе не е виновен. Тие се жртви на туѓа грешка. Прво беа труени граѓаните. Сега цената ја плаќаат и приватните бизниси – пекари, угостители и трговци, кои ниту ја загадија водата, ниту ја прикрија информацијата“, се наведува во соопштението.
СДСМ оценува дека случајот е последица на, како што тврди, нестручното управување на институциите и ја обвинува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за негрижа кон јавното здравје.
Во соопштението партијата прави паралела и со растот на цените, наведувајќи дека Владата претходно не презела мерки за ублажување на последиците од поскапувањето на нафтените деривати, а сега, според СДСМ, поради институционални пропусти, штетите ги трпат и граѓаните и приватниот сектор.
„Економски колапс. Изолација. Загадена вода. Загрозена храна. Уништени бизниси. Сè за две години владеење на Мицкоски и ВМРО“, се наведува во партиското соопштение.
Агенцијата за храна и ветеринарство претходно информираше дека поради состојбата со загадената вода во Гостивар се спроведуваат засилени инспекциски контроли, при што се изречени 30 прекршочни мерки и 12 забрани за работа на субјекти кои не ги исполнувале пропишаните услови.
