СДСМ: Повеќе од четири недели Гостивар е без чиста вода, граѓаните бараат одговорност

СДСМ

Опозицискиот СДСМ обвини дека Гостивар повеќе од четири недели се соочува со проблем со квалитетот на водата за пиење и побара од надлежните институции да ги објават официјалните стручни наоди за состојбата со водоснабдувањето.

Од партијата велат дека повеќе од 4.700 граѓани побарале медицинска помош и дека во градот е прогласена епидемија на жолтица, додека јавноста, според нив, сè уште нема добиено целосна и потпишана стручна проценка за состојбата со водата.

„Ниту еден официјален документ. Ниту една потпишана експертска проценка. Зошто?“, прашува СДСМ во соопштението.

Од опозициската партија оценуваат дека наместо надлежните стручни институции, јавноста добива објаснувања од политички функционери со различни професионални профили. Во тој контекст ги посочуваат министерот за здравство Сашо Клековски, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

СДСМ ги критикува нивните јавни настапи во врска со хиперхлорацијата, чистењето на водоводната мрежа, епидемијата и безбедноста на водата, оценувајќи дека за овие прашања треба да зборуваат надлежни стручни лица и институции.

„Машински инженер, полицаец, правник и НВО-менаџер ни ја објаснуваат хиперхлорацијата, чистењето на цевководите, епидемијата на жолтица и квалитетот на водата за пиење“, наведуваат од СДСМ.

Опозицијата дополнително обвинува дека институциите избегнуваат да преземат одговорност и тврди дека нема официјален стручен наод кој целосно ја објаснува состојбата.

„Кога треба да се преземе одговорност – нема експерт, нема институција, нема потпис. Кога треба да се избегне одговорност, има прес-конференции и изјави без покритие“, стои во соопштението.

Од СДСМ велат дека граѓаните на Гостивар не бараат политички изјави, туку безбедна вода и одговорност за состојбата во која се најде градот.

„Повеќе од 4.700 лица завршија во болница. А државата сè уште нема капацитет да издаде еден единствен стручен наод“, тврди опозициската партија.

СДСМ на крајот бара институциите да излезат со официјални, стручни и потпишани наоди за квалитетот на водата и причините за здравствената криза во Гостивар.

Владата и надлежните институции досега излегоа со свои информации и објаснувања за состојбата со водоснабдувањето, а клучно за јавноста останува официјално да се утврдат причините за загадувањето, здравствените последици и одговорноста за пропустите доколку се утврди дека ги имало.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?