Од 1 јануари граѓаните ќе се соочат со повисоки сметки за струја, но точниот процент на поскапувањето сè уште не е познат. АД ЕСМ веќе му понуди на ЕВН Хоум цена од 62 евра за мегават-час, што претставува зголемување од 3,3% во однос на сегашните 60 евра. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) најавува конечна одлука следната недела, откако ќе бидат финализирани тендерите за струја за загуби во преносот и дистрибуцијата.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека клучната компонента за крајната цена е трошокот за загуби во мрежата, а анализите сè уште се во тек. Премиерот Христијан Мицкоски иако десга уверуваше дека нема да поскапи струјата, сега вели дека покачувањето ќе биде минимално и ќе се однесува само на третиот и четвртиот блок, додека првиот и вториот блок, каде што е мнозинството од домаќинствата, нема да бидат засегнати.
„Максимумот што може да се случи е покачување од 3 проценти во третиот и четвртиот блок, а за првиот и вториот блок да нема никакво покачување. Сметаме дека граѓаните во најзагрозените категории нема да почувствуваат притисок врз буџетите,“ изјави Мицкоски.
Сепак, енергетските експерти предупредуваат дека поскапата струја на берзите и скапиот увоз неминовно ќе влијаат врз домашните сметки. Од ЕСМ најавуваат мерки за намалување на производните трошоци и зголемување на домашното производство, но додаваат дека нискиот хидропотенцијал оваа година претставува сериозен предизвик.
Од производствената индустрија, пак, предупредуваат дека енормните поскапувања на отворениот пазар веќе ги ставаат под притисок нивните трошоци. Според нив, ако продолжи овој тренд со цената на струјата, а државата не преземе мерки, многу ќе биде тешко да се задржат цените
Претходно, од РКЕ изјавија дека малите потрошувачи можат да се вратат на регулираниот пазар согласно со своите проценки. Меѓутоа, многу од нив, поради тоа што имаа подобри услови на отворениот пазар, одлучија да се снабдуваат со електрична енергија оттаму, но во последно време цените на берзите почнаа да дивеат и во некои денови надминуваа и 400 евра за мегават-час, како што беа на самиот почеток на енергетската криза.
Конечната одлука за новите цени на струјата ќе зависи од комбинацијата на фактори – од цената на струјата што ја обезбедува ЕСМ до анализа на блок-тарифите.