Шпанија бира меѓу социјалниот курс на Санчез и десничарски пресврт предводен од ПП и Вокс

Шпанските граѓани в недела, на 29 ноември, гласаат на предвремени парламентарни избори на кои се соочуваат два остро спротивставени политички и економски концепта. Додека левиот блок предводен од премиерот Педро Санчез ветува државна регулација на кириите и заштита од враќање на крајната десница во владата, десничарскиот блок на Народната партија и Вокс нуди дерегулација на пазарот на недвижности, даночни олеснувања и построги правила за имиграцијата.

Предвремените избори во Шпанија беа распишани на почетокот на октомври, откако парламентот ги отфрли итните владини мерки за олеснување на станбената криза, што предизвика масовни протести поради високите кирии и цени на становите. Според податоците на шпанскиот Национален институт за статистика, право на глас имаат околу 38,7 милиони граѓани, кои бираат 350 пратеници во Конгресот и 208 од вкупно 266 членови на Сенатот.

Главната линија на поделба во кампањата е прашањето за домувањето и трошоците за живот. Социјалистичката работничка партија на актуелниот премиер Педро Санчез, заедно со поделените формации од левицата, инсистира на државна интервенција, ограничување на растот на кириите во кризните зони и зголемување на фондот на социјални станови. Левиот блок истовремено ги мобилизира гласачите со предупредување дека победа на десницата би ја внела крајнодесничарската партија Вокс во централната влада за првпат по крајот на диктатурата на Франциско Франко во 1975 година.

Наспроти тоа, конзервативната Народна партија предводена од Алберто Нуњез Феихо и партијата Вокс настапуваат со програма за ослободување на пазарот. Тие оценуваат дека владините ограничувања ја намалиле понудата на станови за изнајмување и предлагаат стимулации за градежништвото, забрзување на урбанистичките дозволи, даночни олеснувања за купувачите и построги мерки против нелегалното вселување во имоти.

Остри разлики меѓу двата блока постојат и во економијата и имиграциската политика. Владата на Санчез се повикува на макроекономските показатели, бидејќи шпанската економија расте побрзо од просекот на еврозоната, но опозицијата укажува дека инфлацијата од околу пет проценти го топи животниот стандард. Во однос на миграцијата, ПП и Вокс бараат построга гранична контрола и рестрикции за престој, додека левицата застапува политики за легална интеграција на работната сила.

Предизборните анкети објавени пред почетокот на законскиот изборен молк покажуваат предност на десниот блок. Приватните агенции како 40дБ за Ел Паис, ГАД3 за АБЦ, Ипсос за Ла Вангуардија, Дата10 за ОКДиарио и НЦ Репорт за Ла Разон проектираат дека Народната партија и Вокс заедно можат да го надминат прагот од 176 пратеници потребни за апсолутно мнозинство. Единствен исклучок е државниот Центар за социолошки истражувања (ЦИС), кој ѝ дава предност на владејачката ПСОЕ со 34,4 отсто поддршка пред Народната партија со 24,9 отсто.

Дополнителен притисок врз кампањата на социјалистите донесоа корупциските истраги против поранешни соработници на Санчез, најавите за штрајкови на лекарите и тешката железничка несреќа од минатиот месец во која загинаа 69 лица, по што оставка поднесе министерот за транспорт. Од друга страна, шансите на левицата ги усложнува и фактот што партиите лево од ПСОЕ на овие избори настапуваат поделено меѓу коалицијата Широк фронт предводена од Ада Колау и партијата Подемос, за разлика од 2023 година кога беа обединети во платформата Сумар.

Новиот состав на шпанскиот парламент ќе се конституира на 23 декември, по што кралот Фелипе Шести ќе го номинира кандидатот за премиер. За избор на влада во првиот круг е потребно апсолутно мнозинство од 176 гласа, а во вториот круг просто мнозинство, додека доколку не се формира влада во рок од два месеци, Уставот предвидува распишување нови избори.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?