Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги поттикнувала Венецуела и Ирак да размислат за напуштање на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), со цел да го зголемат производството на нафта и да го ограничат влијанието на алијансата. Вашингтон дополнително ја блокирал Венецуела да ја плати својата годишна членарина од околу 2,8 милиони евра.
Потегот на Вашингтон бил насочен кон две од петте земји-основачки на ОПЕК и ја покажал подготвеноста на САД да го искористат своето финансиско и политичко влијание за унапредување на сопствените енергетски интереси. Иако ниту една од двете држави не ја напуштила организацијата, разговорите отвориле нови дилеми за внатрешната кохезија на картелот во период кога американските нафтени компании бараат поголем пристап до енергетските ресурси во Венецуела и Ирак.
САД денес се најголем производител на нафта во светот, со што од обичен потрошувач станаа директен конкурент на ОПЕК. Доналд Трамп во текот на својата политичка и деловна кариера постојано ја критикуваше организацијата дека вештачки ги одржува високите цени на нафтата.
Венецуела станала посебен фокус за Вашингтон откако САД го отстранија Николас Мадуро во јануари годинава и воспоставија контрола врз пристапот до државните фондови на земјата. Американските претставници отвориле разговори со властите во Каракас за напуштање на ОПЕК, стравувајќи дека производните политики на картелот би можеле да ги ограничат плановите на американските компании за заживување на венецуелската нафтена индустрија.
Притисокот врз Каракас се намалил откако во текот на летото интервенирал саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој ја убедил администрацијата на Трамп да не инсистира на повлекување на Венецуела. Во август, Трамп изјави дека одлуката за членство на крајот е избор на самата Венецуела.
Покрај разговорите за повлекување, Вашингтон го спречил Каракас да ја уплати годишната членарина кон секретаријатот на ОПЕК во Виена, која изнесува околу 2,8 милиони евра, односно 3,08 милиони долари по земја-членка. Од американскиот Стејт департмент не одговориле директно дали ја блокирале уплатата, но потврдиле дека ги проверуваат барањата на привремената венецуелска влада согласно листата на одобрени и забранети намени за средствата што се чуваат на сметка под американска контрола. Од таму посочиле дека пониски американски функционери можеби ја споменале можноста за напуштање на ОПЕК, но дека за тоа не се разговарало на високо ниво.
Извори запознаени со состојбите во ОПЕК наведуваат дека организацијата има дискрециско право за неплатените обврски и не планира да ја исклучи Венецуела поради долгот. Во меѓувреме, Канцеларијата за владина отчетност на САД (ГАО) во јули отвори официјална истрага за начинот на кој администрацијата управува со венецуелските приходи од нафта, додека Белата куќа тврди дека парите се користат за плати во јавниот сектор и основни јавни услуги за населението.
Паралелно со притисокот врз Каракас, американски претставници во текот на летото разговарале и со ирачкиот премиер Али Фалех ал-Заиди, охрабрувајќи го Багдад да размисли за излез од ОПЕК во пресрет на најавените големи инвестиции на американски енергетски компании во земјата. Ал-Заиди ја отворил оваа можност на владина седница, но ирачкото Министерство за нафта се спротивставило и го убедило премиерот земјата да остане членка. Наместо напуштање, Багдад ја разгледува опцијата да побара повисока квота за производство во рамките на организацијата.
САД располагаат со силен финансиски механизам врз Ирак уште од инвазијата во 2003 година, бидејќи приходите од ирачката нафта се слеваат преку сметка во Федералните резерви во Њујорк. Стејт департментот соопшти дека разговорите со ирачките власти биле насочени кон подобрување на енергетската инфраструктура и транспортните капацитети, а не кон членството во ОПЕК.
Организацијата на земјите извознички на нафта е основана во Багдад во септември 1960 година од страна на Ирак, Иран, Саудиска Арабија, Кувајт и Венецуела. Денес ОПЕК брои 11 членки и соработува со пошироката групација ОПЕК плус, во која членува и Русија. Во последните години организацијата се соочува со внатрешни поделби и заминувања – Катар излезе во 2019 година, Еквадор во 2020, Ангола во 2024, а Обединетите Арапски Емирати го најавија своето повлекување порано оваа година поради незадоволство од ограничувањата на производството.
Венецуела во моментов е изземена од производствените квоти на ОПЕК плус поради долгогодишниот пад на индустријата предизвикан од санкции и лошо управување. Според податоците на ОПЕК, земјата во септември произведувала околу 1,2 милиони барели нафта дневно, додека државната компанија ПДВСА планира да го зголеми производството на 1,5 милиони барели дневно до крајот на следната година.

