Наместо правно-експертски полемики и анализи на одлуката за затворање на истрагата, повеќе се претвора во политичка хајка кон обвинителката! Ова оттаму што случајот ТЕЦ Неготино беше политички уште од самиот почеток.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Да се потсетиме:
Улогата на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино беше пред сè политичка, јавно-обвинувачка и институционално-поттикнувачка, а не формално истражна. Партијата беше меѓу главните актери што го одржуваа случајот во јавноста и бараа кривична и политичка одговорност за договорите вредни околу 160–167 милиони евра. Политичката одговорност ја стигна тогашната партија на власт, но правната разврска на актерите доби неочекувана разрешница!
Во својата кмпања, ВМРО ДПМНЕ главно се потпираше врз Извештајот на Државнниот завод за ревизија, но ревизорите, според јавно достапното, не утврдиле директно „криминал од 160 милиони евра“! Наместо тоа тие констатирале: ризици, нерегуларности, слабост во постапките и потенцијална штета, неекономичност.
Но без разлика на тоа, во јавноста политички се нагазува темата како криминал од 160 милиони евра, бројка што веројатно произлегува од вкупната вредност на договорите за мазут, а не од ревизорската пресметка на директно утврдената штета.
Но важно е да се направи разлика меѓу партиските/политичките обвинувања, ревизорските наоди и формалната кривична постапка.
Хронолошки гледано, прво дојдоа политичките обвинувања и јавниот притисок додека партијата ВМРО ДПМНЕ беше опозиција, а дури потоа, по промената на власта следуваа институционални активности од МВР, ДКСК и Обвинителството.
МВР поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК против повеќе лица и компании и тогаш во јавноста почна да се користи и формулацијата за „штета од околу 167 милиони евра“.
ДКСК пак од своја страна отвори предмет врз основа на јавно достапни информации и сомнежи за судир на интереси и злоупотреби.
Така првичните партиски предизборни обвинувања се институционализираа и станаа јавна вистина. На обвинетите веќе им беше пресудено.
Затоа вистински политички земјотрес предизвика одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ да ја прекине истрагата и да го затвори случајот, не наоѓајки доволно докази за обвинение против посочените во случајот.
Наместо правно-експертски полемики и анализи на одлуката за затворање на истрагата, повеќе се претвора во политичка хајка кон обвинителката! Ова оттаму што случајот ТЕЦ Неготино беше политички уште од самиот почеток.
Сега власта бара оставки од Коларевиќ, но и од нејзините шефови кои дозволиле ваква „самостојна“ одлука. Следеа разговори на премиерот со новиот Државен јавен обвиннител што наиде на рекации во јавноста за мешање на извршната во судско-обвинителската власт.
Но не е толку изненадувачки што премиерот се јавил кај обвинителот, колку што е важно како обвинителот му одговорил и како се поставил кон јавувањето на премиерот.
Кредибилитетот и независноста на третата власт веројатно допрва ќе се види од реакцијата на барањето оставка и од заседавањето на Советот на јавни обвинители.
Ако обвинителката Катерина Коларевиќ опстои на својата одлука, а нејзините аргументите бидат потврдени од страна на колегиумот и од страна на Советот на јавни обвинители, на повидок ќе биде издидигање на ново СЈО од пепелот, но овој пат иманентно, од внатре во рамки на постојното Обвинителство, без политички пазар од кој потоа сите ќе се дистанцираат.
Овде сега не станува збор за тоа дали навистина имало криминал при набавката на мазут за ТЕЦ Негоино и дали обвинетите се виновни, туку за формално правните аспекти кои се ставени на располагање пред обвинителката за таа да може мериторно да одлучува – дали има случај за на суд, или не.
Имено не секоја кривична пријава од страна на МВР е доволно поткрепена со докази за Обвинителството да може да отвора случај. Можеби затоа и некои предмети стојат во фиоките чекајќи МВР да прибави дополнителни „основи за сомневање“ што ќе се преточат во „основано сомневање“ од кое ќе произлезат мерки за отворање истрага, за поднесување обвинение, мерки за притвор и т.н.
Овој случај треба да ја разреши и дилемата: не дали само Обвинителството не е доволно кадарно да се носи со предмети од т.н. висок профил, туку дали и МВР треба да направи реформи во технологијата на прибирање докази и во подготовките и соработката со Обвинителството, за еден случај да има соодветна судска разрешница.
Ако се констатира дека Коларевиќ, а со тоа и обвинителството биле во право, бенефит ќе има и власта бидејќи ќе добие пофалби од страна на Евроопската Комисија за спроведените реформи во независно судство, туку и државата и граѓаните зашто ЕУ тоа ќе го материјализира и финансиски како нејзина обврска во рамки на Реформската агенда.
Дали Ковачевски, Капушевски, Јахоски и другите обвинети направиле криминал или ја спасиле државата од криза во тоа време, ќе остане дилема, но случајот ќе биде поука за сите надлежни институции да си ја вршат работата онака како што треба, а не да бидат алатка за политички цели на партиите.
