Селото Лозово, кое според Пописот од 2021 година има само 756 жители, доби парк со површина од околу 14.000 квадратни метри, финансиран со средства на Општината и со поддршка од Владата преку таканаречениот унгарски кредит. Паркот „Македонија“ треба официјално да биде пуштен во употреба на 8 Септември.
На социјалните мрежи граѓаните реагираат дека во услови во кои поголемите градови во 4-5 згради имаат волку жители нема функционала хигиена ниту пак зеленило, се трошат пари од кредит за нефункционални потреби.
Станува збор за површина од речиси два хектари, уредена во населено место кое има помалку од 800 жители. Целата Општина Лозово, која опфаќа 11 населени места, според последниот попис има 2.264 жители и е меѓу најмалите општини во Македонија.
Паркот е уреден така што од воздух се препознава осумкракото македонско знаме. Градоначалникот на Лозово за МИА изјавил дека во моментов се доуредуваат зелените површини и дека очекува паркот да стане нова туристичка атракција за регионот.
Предвидени се две посебни зони. Во едната треба да бидат поставени детски реквизити, а во другата фитнес справи. За нив Општината очекува дополнителна поддршка од Министерството за спорт.
Во паркот веќе има клупи, украсни жардиниери, корпи за отпадоци и патеки од бехатон, а дел од зеленилото се наводнува со систем „капка по капка“. Најавено е дополнително засадување дрвја, меѓу кои и јапонски цреши, како и поставување безбедносни камери. Во непосредна близина Општината изградила и повеќенаменско игралиште со тартан подлога и други спортски терени.
Проектот е дел од пошироката програма преку која Владата насочи пари од заемот од Унгарија кон капитални инвестиции во општините. За таа намена првично беа предвидени 250 милиони евра од унгарскиот заем. Владата при договарањето на кредитот најави дека средствата ќе се користат исклучиво за капитални проекти за потребите на граѓаните.
Лозово и претходно доби средства преку оваа програма. Во првата фаза беа одобрени околу 35.000 евра за партерно уредување, додека на ниво на државата во првиот повик беа одобрени 288 општински проекти во вредност од околу 75 милиони евра.
Со вториот повик Владата одобри уште 828 проекти вредни околу 225 милиони евра.
Паркот „Македонија“ во Лозово, според најавите на локалната власт, ќе биде отворен за Денот на независноста, на 8 Септември.
