Додека СДСМ бара итна лидерска средба, на која ‘граѓаните треба да видат заедништво за справувањето со новонастанатата ситуација’, премиерот Христијан Мицкоски, од Општина Јагуновце, порача дека во моментов не гледа причина за такво нешто.
„Во овој момент не сум размислувал. Но, деновиве што се пред мене, ќе размислувам на таа тема. Доколку навистина има аргументи кои одат во таа насока, зошто да не. Но, во моментов не гледам причина за такво нешто, ако гледам објективно“, рече Мицкоски.
Опозициската СДСМ бара итна средба на лидерите на сите парламентарни политички партии за како што велат – стабилноста во државава по настаните од изминативе денови.
Според потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, лидерската средба ќе биде можност да се обединат сите политички субјекти со порака дека Македонија останува стабилна и посветена на мирот и соживотот.
„Нашите граѓани треба да ја видат сликата на заедништво – сликата на лидери кои се подготвени да седнат на иста маса, да разговараат и заеднички да се справат со сите предизвици. Само така ќе ја зацврстиме довербата на граѓаните и ќе испратиме порака дека сме способни да ги зачуваме мирот и стабилноста“, рече Илиевски.