Потребен ни е итен прекин на огнот во Газа, олеснување на хуманитарната помош и да не ги изедначуваме терористите на Хамас со Палестинците како целина, порача заменик-министерот за надворешни работи на Грција Тасос Хаѕивасилиу во интервјуто за ЕРТ, во однос на обвинувањата од опозициските партии СИРИЗА и ПАСОК дека грчката Влада молчи и не зазема став како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, јави дописничката на МИА од Атина.
Заменик-шефот на грчката дипломатија посочи дека ставот на Грција е јасен и во однос на Газа и во однос на Израел.
– Да, потребен ни е итен прекин на огнот во Газа со истовремено олеснување на хуманитарна помош за Газа. Ние сметаме дека е неопходно преземање меѓународни иницијативи за хуманитарно да се поддржи Газа и оваа наша позиција е јасно изразена. И уште од прв момент кажавме дека да, Израел има право на самоодбрана, но не можеме да ги изедначуваме терористите на Хамас со Палестинците како целина, рече Хаѕивасилиу и додаде дека паралелно сите треба да го почитуваат меѓународното хуманитарно право.
Лидерот на опозициската ПАСОК Никос Андрулакис во интервјуто за телевизијата Скај рече дека е „навреда за грчкиот народ“ вчерашниот став на Владата бидејќи „се спротивстави на иницијативата на Холандија во рамките на Европската унија да го разгледа трговскиот договор што Европската унија го склучи со Израел“ и дополнително истакна дека Мицотакис „избегна да коментира за настаните во Газа во говорот на Советот за безбедност на ОН“.
– За мене, Нетанјаху треба да биде изведен пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Станува збор се злосторства против човештвото. Сите го осудивме џихадистичкиот напад на Хамас врз Израел. Незамислив удар. Сите навистина сакаме да завршат дејствијата на организацијата што работи на овој начин – на суров тероризам по џихадистички модел – но меѓународната заедница не може да молчи, истакна Андрулакис.
Претседателот на СИРИЗА Сократис Фамелос рече дека „додека 24 европски земји јасно и емпатично заземаат став против злосторствата извршени од Израел во Газа, Грција молчи“, молчење кое според него, не е неутралност, туку соучество, барајќи од Владата да застане на страната на хуманоста, мирот и солидарноста.
– Господине Мицотакис, од Вас барам да го осудите злосторството што се извршува. Да престанете да бидете европски исклучок, заедно со крајната десница. Веднаш потпишете го текстот на европските земји. Застанете на страната на мирот и побарајте хуманитарна помош, прекин на огнот и праведно решение на палестинското прашање, во својство на Грција како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН. Господине Мицотакис, не ви дозволуваме да го легализирате злосторството што се извршува во Газа. Не во наше име, рече Фамелос.
Палестинската заедница на Грција и Иницијативата за солидарност за палестинскиот народ од работнички синдикати и колективи за вечерва закажаа протест во центарот на Атина, а од СИРИЗА и ги повикаа нивните членови и симпатизери да учествуваат во протестот против, како што соопштија, „геноцидот врз палестинскиот народ“.