Во текот на изминатата деценија, односите меѓу Руската православна црква и Српската православна црква се развија во едно од најстабилните партнерства во православниот свет. На површина, ова се чини дека одразува традиционална блискост меѓу две сестрински цркви поврзани со заеднички словенски и православен идентитет. Но, под реториката на духовното братство, еден подлабок слој станува сè повидлив: формирањето на заеднички идеолошки простор во кој религијата, историјата и геополитиката се тесно испреплетени.
Во центарот на овој процес стои рускиот патријарх Кирил, кој го воздигна концептот на „рускиот свет“ во клучен идеолошки столб на Московската патријаршија. Иако никогаш формално не го користел терминот „српски свет“, анализата на неговите јавни изјави и официјални црковни документи сугерира јасни концептуални преклопувања меѓу двете рамки.
Но двојката Москва-Белград, овие денови како да доби „трет партнер“ – Софија.
За посериозните и повеќегодишни проследувачи на врските во православниот свет ова и не е некое изненадување кои доби силна потврда деновите кога Бугарија се закани дека ќе го блокира 21 пакет санкции кон Русија, а во средиштето на нивните аргументи се најде рускиот патријарх Кирил.
Според претседателката на Бугарија Илијана Јотова, причините поради кои премиерот Румен Радев од Бугарија стави вето на новиот пакет санкции против Русија се основани.
„Ги прифаќам неговите аргументи“, рече таа и потсети дека не е прв пат името на патријархот Кирил да биде вклучено во дискусиите за санкциите.
Прашањето е многу преекспонирано, рече Јотова и предупреди против продлабочување на поделбите по религиозни линии.
Шефицата на бугарската држава го бранеше правото на Бугарија да ги брани своите позиции во Европската Унија и повика на поголема автономија за европските земји во донесувањето одлуки.
„Дали сега треба да го поместиме спорот околу тоа дали Европа е против православието? Дали треба да ги делиме верниците овде во Бугарија? Мојот категоричен одговор е не“, рече претседателката.
Позицијата на Радев најдобро ја објасни самиот тој кога во разговор со новинарите во Брисел изјави дека Софија ќе стави вето на пакетот доколку рускиот православен патријарх Кирил не биде отстранет од листата, тврдејќи против мешање на политиката со религијата и повикувајќи се на заедничкото православно наследство.
„Ерата на крстоносните војни е завршена“, изјави тој отворено, додавајќи: „Не ме интересира лично патријархот Кирил. Ме интересира Руската православна црква“, на која ѝ ја припиша помошта за ослободувањето на Бугарија од отоманското владеење.

Ова дојде како изненадување на прв поглед, ако се знае дека меѓу сите локални православни цркви, Српската православна црква се појави како најдоследен сојузник на Москва по големите геополитички и црковни прашања во последниве години.
Сега таа улога како да сака да ја преземе или да биде барем еден од актерите во таа „претстава“ и Софија.
Додека неколку цркви избегнуваа отворено да ги поддржуваат ставовите на Русија, Белград одржуваше блиски врски со Москва. Во официјалната комуникација, Московската патријаршија постојано се осврнува на Српската црква како на братска институција, а на српскиот народ како на една од најблиските православни нации на Русија. Ова за забетонирано и со ставот на СПЦ да не ја признае Православната црква на Украина.
Украина е уште една врска меѓу Москва, Софија и Белград. Бугарски патријарх Даниил го поддржа Онуфриј, поглаварот на Украинската православна црква – Московска патријаршија, со што наговести дека БПЦ нема да прави драстична промена во совојата политика кон црковното прашање во Украина. Десетгодишнината од устоличувањето на Онуфриј за Митрополит на Киев, Даниил му го честиташе јубилејот, со што демонстрираше позиција дека неодамнешното сослужување на бугарски владици со владици на автокефалната ПЦУ на Епифаниј е само нивен личен чин, а не и официјална политика на БПЦ.
Патријархот Даниил во честитката потенцира дека во текот на овој десетгодишен период Онуфриј се утврдил како достоен наследник на големите архиереи и исповедници, кои служеа на Киевската митрополитска катедра, која е под јурисдикциа на Московската патријаршија и патријархот Кирил.
Но целата оваа црковна „идила“ меѓу Москва, Софија и Белград делува чудно ако се има предвид архинепријателството меѓу Србија и Бугарија, особено од аспект на нивната улога на Балканот.
„Руски свет“ и „српски свет“: паралелни наративи
Бугарија не пропушта ниту една прилика кога ќе и се укаже можност да го критикува „српскиот свет“, што се користи во некои политички и интелектуални кругови во Србија, Република Српска и Црна Гора. Во двата случаи, наративот го проширува националниот идентитет надвор од државните граници и ѝ доделува централна улога на Црквата како чувар на единството и традицијата.
