ФИФА го отпушти еден од своите највисоки функционери, Кевин Ламур, кој претходно јавно го критикуваше претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, поради планот за продажба на акции на Светското првенство на приватни инвеститори, дознава „Скај њуз“.
ФИФА потврди дека вработувањето на Ламур, кој беше директор за операции, заврши на 17 август, но не даде детали за неговото заминување.
„ФИФА може да потврди дека работниот однос меѓу ФИФА и Кевин Ламур како главен оперативен директор на ФИФА заврши на 17 август 2026 година“, изјави портпаролот на фудбалската организација.
„Скај њуз“ објави дека персоналот на ФИФА бил информиран за неговото заминување вечерва.
„По неодамнешните дискусии, ФИФА и нашиот главен оперативен директор, Кевин Ламур, се согласија да се разделат. Оваа одлука е донесена по внимателно разгледување и со големо почитување кон Кевин, и лично и професионално“, се вели во писмото испратено од генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром, до потпретседателите и членовите на советот на ФИФА, а видено од британскиот телевизиски канал.
Заминувањето на Ламур дојде истиот ден кога Инфантини ја изгуби поддршката од Шкотската фудбалска асоцијација. Ламур во јули изјави дека вработените во ФИФА биле „заведени“ од недостатокот на отвореност на Инфантино за време на подготовката на планот за продажба на акции на Светското првенство и рече дека тие „заслужуваат подобро од презир и заплашување“.
„Ако тоа значи дека ќе ја изгубам работата, нека биде така“, рече Ламур во тоа време, додавајќи дека ќе ја почитува таквата одлука.
Неговото заминување доаѓа во време на зголемување на притисокот врз Инфантино околу планот од 20 милијарди долари за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни фондови за капитал. Планот беше повлечен по силното противење од фудбалските претставници ширум светот. УЕФА претходно се закани дека ќе ги бојкотира натпреварите и настаните на ФИФА, додека УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација и КОНКАКАФ минатата недела повикаа на преиспитување на постапките на Инфантино.
Ламур беше долгогодишен соработник на Инфантино и дел од неговиот внатрешен круг за време на кампањата за претседателските избори на ФИФА во 2016 година. Тој се приклучи на ФИФА во ноември 2024 година, откако претходно работеше во политички и фудбалски структури, вклучително и на позицијата асистент на тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини.
Инфантино сè уште ја има поддршката од африканските и јужноамериканските фудбалски конфедерации, додека американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ФИФА ќе направи „голема грешка“ ако го замени Инфантино.
