Фудбалот и политиката: Италија 1934 и 1938, мундијалски круни, фашистички режисер

Италија
Официјалниот постер на Мундијалот 1934, Херкул со фашистички поздрав), Автор: анонимен (дизајнот е припишуван на Гино Бокасиле), Лиценца: Public Domain, авторски права истечени

Италија ги освои првите две светски титули во 1934 и 1938 година. Првиот Мундијал се играше во фашистичка Италија, вториот во Франција, во Европа притисната од подемот на фашизмот и од сенката на нова војна. Токму затоа овие два трофеи не можат да се читаат само како спортски подвиг. Тие се и документ за начинот на кој авторитарна власт го присвои фудбалот и го претвори во средство за режимска легитимација.

Патот до улогата домаќин во 1934 е дел од истата логика. Кандидатурата на Италија наишла на мал отпор, а режимот се претставил како способен да организира голем турнир со ред, раскош и целосна контрола. Тоа било важно за фашистичката пропаганда речиси колку и самата титула. Четири години подоцна, во Франција, Италија повторно стана шампион. Двете титули беа претворени во мит за национална надмоќ, иако зад митот стои мрачна слика исполнета со притисок врз играчите, сомнежи за влијание врз судиите со цел толерирање на насилство на теренот.

Фудбалот како државен проект: Мусолини не организираше Мундијал, туку политички спектакл

Фашистичкиот режим го гледаше Мундијалот 1934 како државен проект со огромна пропагандна вредност. Италија вложи во стадиони, церемонии, јавна мобилизација и внимателно режирана слика за модерна и моќна држава. Репрезентацијата беше претставена како симбол на новата Италија, а не само како спортски состав.

Официјалниот постер на Мундијалот 1934, Херкул со фашистички поздрав), Автор: анонимен (дизајнот е припишуван на Гино Бокасиле), Лиценца: Public Domain, авторски права истечени
Линк: https://commons.wikimedia.org/wiki/File:1934_fifa_worldcup_poster.jpg

Во таква поставеност, победата престана да биде само спортска цел. Таа стана политичка задача. Историски извори и подоцнежни реконструкции опишуваат пораки и закани испраќани до играчите пред клучните натпревари. Неуспехот не значел само пораз, туку и можен судир со режимот. Кариерата, јавниот углед, па и личната безбедност зависеле од резултатот.

Стадионот на Фашистичката национална партија во Рим (архивска разгледница), Поштенска картичка од 1930-тите на Stadio Nazionale PNF (Стадион на Националната фашистичка партија), каде се одржа финалето, Public Domain
Линк: https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Roma_Stadio_Nazionale_PNF_1930s.jpg

Стадионите не биле само места за игра. Тие биле продолжение на фашистичкиот јавен простор. Навивачите биле организирани, симболиката била политичка, а присуството на функционери и полиција било дел од сценографијата на стравот.

Насилството како предност: груба игра, поволни свирежи и противници што излегуваа осакатени

Една од најмрачните карактеристики на Мундијалот 1934 е односот (“слепилото”) на судиите кон италијанската игра. Во бројни историски анализи се повторува истата слика. Домаќинот играл остро и грубо, често на над границата на дозволеното, а судиската толеранција била скандалозна. Посебно се издвојуваат дуелите со Шпанија и Австрија, каде сомнежите за наклонето судење останале составен дел од меморијата на турнирот.

Натпреварот со Шпанија најчесто се наведува како највидлива потврда за таа клима. По првиот жесток меч, Шпанија драстично ослабела, со девет повредени играчи, додека Италија изгубила само еден играч. Фаули имало многу, ударите биле тешки, а санкциите слаби или никакви. Тоа не е спореден детал, туку суштински дел од приказната за турнирот на кој насилството не било исклучок, туку стратегија.

Хитлер и Мусолини, Фотографија: Bundesarchiv, Bild 183-B23938 / CC-BY-SA 3.0, CC BY-SA 3.0 DE https://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0/de/deed.en, via Wikimedia Commons

Во таа рамка се вклопуваат и трајните сомнежи околу судијата Иван Еклинд, кој го судел финалето. Тврдењата дека бил во близок контакт со Мусолини пред мечот никогаш не добија конечен доказ, но никогаш не исчезнаа од сериозните дебати за турнирот.

Драмата околу финалето со Чехословачка – Дуче порачал Победи или умри

Пред финалето, Мусолини им испратил телеграма на играчите. Текстот бил краток и застрашувачки: „Vincere o morire” – победи или умри. На тренерот Витторио Поцо му пристигнала посебна порака: „Нека ти помогне Бог ако не победите.” Не се работело само за метафора. Играчите знаеле дека поразот нема да биде само спортски исход. Судбините, кариерите, можеби и животите биле на коцка. Судијата на финалето, Швеѓанецот Иван Еклинд, претходно вечерал во приватниот апартаман на Дуче. На полувреме, Мусолини лично влегол во соблекувалната за да се осигура дека играчите ја разбрале пораката.

Поцо дава инструкции на играчите (Монзелио, Бертолини, Комби, Монти, Карчано) пред почетокот на продолжетоците во финалето Италија–Чехословачка на Стадионот на Фашистичката национална партија во Рим, 10 јуни 1934, Лиценца: Public Domain
Линк: https://commons.wikimedia.org/wiki/File:1934_FIFA_World_Cup_Final_-Italy_v_Czechoslovakia-_Pozzo,_Monzeglio,_Bertolini,_Combi,_Monti_and_Carcano.jpg

Финалето се одржа на 10 јуни 1934 на стадионот на Националната фашистичка партија во Рим, пред 55.000 гледачи и Мусолини лично во VIP ложата. Натпреварот се одвивал речиси во тишина, цели 70 минути без гол. Потоа Чехословачка задава удар. Антонин Пуч постигнува гол за шок во Италија. Стадионот замрзнува, а погледите на играчите одат кон ложата. Но, 10 минути пред крајот, Рајмундо Орси, Аргентинецот регрутиран за италијанскиот дрес, прима пас и со извртен удар со надворешната страна на ногата дава гол на начин кој следниот ден ниту тој самиот не можел да го повтори на тренинг. Во продолжетоците, во 95-тата минута, Анжело Скиавио го задава и победничкиот гол за Италија. Чехословачкиот голман Планичка, кој играл со скршена рака, подоцна коментирал: „Да, изгубивме, но барем спасивме 22 животи.”

Трофеите остана, дамката исто така: денешните толкувања во Италија и во ФИФА

ФИФА и денес официјално ги признава титулите на Италија во 1934 и 1938 година. Нема ревизија на резултатите и нема симнување на трофеите од списокот на шампиони. Но тоа не значи дека историјата е затворена. Напротив, токму овие титули се меѓу најоспоруваните во историјата на Светските првенства.

Во Италија, односот кон тоа наследство е комплексен. Дел историчари, новинари и интелектуалци одамна ги читаат тие успеси низ призмата на фашистичката инструментализација на спортот. Се пишуваат книги, се снимаат документарци и се отвораат прашања за тоа што навистина значат тие титули. Во исто време, дел од јавноста и натаму ги слави без многу проблематизирање, а фашистичката симболика понекогаш и понатаму се појавува на трибините.

Случајот со Италија не е само ретро спортска тема. Тој е предупредување што се случува ако државната моќ влезе во соблекувалната, на трибините и во судиската соба. Трофејот останува во архивата. Но и дамката останува врз него.

*Текстот е дел од редакциската определба на Рацин.мк да ги анализира мундијалите и како дел од политичкиот контекст.

Најчитано