Прилепска „Победа“ е казнета со четири натпревари без публика и 3.000 евра за инцидентот на стадионот „Гоце Делчев“

ФК Победа
фотографија од ФК Победа Прилеп

Второлигашот Победа од Прилеп е казнет со четири натпревари забрана за играње домашни натпревари без публика и парична казна од 3.000 евра за навредливо скандирање на национална основа, истакнување транспаренти со навредлива содржина, како и за оштетување на стаклото од соблекувалната на гостинскиот тим и загрозување на безбедноста на гостинските играчи на натпреварот од 10-то коло помеѓу Победа и Шкендија 77 (0:1).

Тоа значи дека Победа ќе остане на стадионот „Гоце Делчев“, но ќе игра без навивачи во следните натпревари:

против Кожуф (13 коло, 22.11.2025)
против Брегалница (15 коло, 06.12.2025)
против Новаци (16 коло, 21.02.2026)
против Преспа (18 коло, 03.03.2026)

„Иако натпреварот помина без поголеми проблеми на теренот, по последниот свиреж се случи инцидент, предизвикан од провокација од дел од гостинската екипа. Според присутните сведоци, играчите и членовите на гостинската екипа фрлале шишиња кон домашната публика, што предизвикало реакција кај дел од прилепската публика. Навивачите на Победа, испровоцирани од овој потег, спонтано реагирале, но ситуацијата брзо била ставена под контрола благодарение на брзата интервенција на обезбедувањето и присутните редари, како и на полицијата.“ – се вели во соопштението на Победа.

„Сцените видени денес на стадионот во Прилеп не наликуваат на фудбалот и спортскиот дух што треба да го претставува овој спорт. Она што се случи на трибините и околу теренот не се глетки што треба да се прикажуваат на фудбалски натпревар. Расните навреди, провокациите и лошото однесување не му помагаат на спортот – напротив, тие го оштетуваат имиџот на фудбалот, на клубот и на самото натпреварување. Како клуб, силно ги осудуваме овие срамни дела што го нарушуваат достоинството и безбедноста на нашите играчи и навивачи.“ – беше реакцијата на Шкендија 77.

Зачлени се на нашиот е-билтен