27-годишен македонски државјанин убиен во Берлин, полицијата трага по напаѓачите

Берлин

Дваесет и седумгодишен македонски државјанин е застрелан и убиен во Берлин во раните утрински часови во понеделникот, на 7 септември, објавија германски и регионални медиуми.

Пукањето се случило околу 2:40 часот на раскрсницата меѓу улиците „Планетенштрасе“ и „Зоненалее“, во берлинската населба Нојкелн. Кон 27-годишниот маж биле испукани повеќе куршуми, при што тој бил тешко ранет. Полицајците и екипите на Итната помош веднаш започнале со реанимација, но мажот починал на местото на настанот.

Според информациите што ги пренесуваат регионалните медиуми, жртвата потекнувала од Радуша. Оваа информација ја објавија повеќе медиуми, но германската полиција во официјалното соопштение не го објавила идентитетот на убиениот.

Според досегашните медиумски информации, двајца мажи го следеле 27-годишникот, по што кон него било пукано. Напаѓачите веднаш побегнале од местото и засега не се уапсени.

На местото на убиството бил извршен полициски увид, при што биле обезбедени и анализирани пронајдените чаури. За документирање на местото на злосторството, според регионалните медиуми, бил користен и 3Д-скенер.

Случајот го презела Петтата комисија за убиства при берлинската криминалистичка полиција, по налог на Обвинителството во Берлин.

Мотивот за убиството засега не е познат, а истрагата треба да утврди што му претходело на нападот, кој стои зад пукањето и дали во него биле вмешани повеќе лица. Полицијата продолжува да трага по напаѓачите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?