Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Борел: Осуда за заканите и насилството врз новинарите, секој има право на говор

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, денеска, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, ги осуди заканите и насилството врз новинарите.

Секој има право на слобода на мислење и изразување, а тоа право подразбира да се има слобода на мислење без мешање, а исто така подразбира барање, примање и пренесување информации и идеи преку кој било медиум и без разлика на границите, истакна Борел.

Висок европски функционер рече дека „ЕУ ги осудува сите форми на закани и насилство врз новинарите и ги поддржува медиумските работници кои се изложени на ризик преку локални мисии и преку наменски програми, како што се платформата Безбедни новинари во Западен Балкан, проектот за поддршка на независни медиуми и основните слободи во Камбоџа и програмата Медиумска издржливост во Авганистан“, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Додека зачувувањето на слободни, независни и плуралистички медиуми е од витално значење за отпорни и здрави демократии, слободата на медиумите сега е доведена во прашање во повеќето делови на светот, се додава во соопштението.

Според ЕЕАС, новинарите, медиумските работници и сите оние кои презентираат независни информации во јавноста, расветлуваат сериозни прекршувања на човековите права и злосторства и бараат одговорност од властите, се повеќе се соочуваат со дискредитација, закани и напади.

Новинарите во нападнатата Украина, Белорусија и Авганистан, Блискиот Исток и Северна Африка, Централна Америка, добитниците на Нобеловата награда на Филипините и во Русија и многу други медиумски работници ширум светот, вклучително и Европа, продолжуваат да плаќаат висока цена за извршување на својата професија.

Новинарките се особено ранливи на закани, наведува ЕЕАС, додавајќи дека тие се изложени на стигматизација, сексистички говор на омраза, сексуално и родово насилство, па дури и убиства.

Според ЕЕАС, околу 73 отсто од новинарките доживеале онлајн закани, злоупотреба и малтретирање за време на нивната работа.

Во исто време, градиме критични капацитети за да се спротивставиме на манипулацијата со странски информации и мешање, и да им помогнеме на граѓаните во Европа да го зајакнат својот отпор кон дезинформации, манипулации и пропаганда, со иницијативи како што се платформата EUvsDisinfo и Европската опсерваторија за дигитални медиуми, додаде Борел.

Одбраната и промовирањето на слободата на печатот е универзална мисија која не познава граници.

ЕУ ќе остане посветена на ангажирање со владите, медиумите и граѓанското општество, како на меѓународни форуми, така и на локално ниво, за да преземе иницијатива и да ја зајакне слободата на медиумите низ светот, додаде Борел.

Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува утре, на 3 мај.

Зачлени се на нашиот е-билтен