На 23 август Европа го одбележува Денот на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими – датум избран во спомен на милионите луѓе кои во текот на 20 век биле прогонувани, депортирани, затворани, мачени и убивани под диктаторски власти.
Датумот не е случаен. На 23 август 1939 година нацистичка Германија и Советскиот Сојуз го потпишале пактот Молотов–Рибентроп. Со тајните протоколи кон договорот биле определени сфери на влијание во Источна Европа, непосредно пред почетокот на Втората светска војна.
По повод годинашното одбележување, извршната потпретседателка на Европската комисија Хена Виркунен и еврокомесарот Мајкл Мекграт порачаа дека пактот, војната и разурнувањата што следувале донеле огромно страдање за милиони луѓе во Европа и надвор од неа.
Годините потоа, потсетуваат од Европската комисија, биле обележани со окупација, репресија, депортации и насилство од огромни размери.
„Сеќавањето на минатото не е само должност кон оние што живееле пред нас. Тоа е и одговорност кон идните генерации“, е пораката што годинава ја испрати Европската комисија.
ЗОШТО БАШ 23 АВГУСТ?
Европскиот парламент уште во 2008 година предложи 23 август да стане европски ден на сеќавање, а со резолуцијата за европската совест и тоталитаризмот од 2 април 2009 година повика датумот да се одбележува низ Европа во спомен на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими.
Во документот Европскиот парламент потсетува дека милиони луѓе во Европа биле депортирани, затворани, мачени и убивани од вакви режими во текот на минатиот век.
Истовремено, Парламентот експлицитно ја нагласува уникатноста на Холокаустот и потребата европската историја да се проучува професионално и без нејзино политичко присвојување.
Одбележувањето на 23 август, според европските институции, има цел да го сочува сеќавањето на жртвите, но и да потсети дека демократијата, слободата, човековото достоинство и владеењето на правото не треба да се сметаат за даденост.
Во годинашната порака Европската комисија нагласува дека денот е и предупредување за последиците од омразата, нетолеранцијата и негирањето на човековото достоинство.
