НАТО ја обвини Русија за „ескалација“ по нарушувања на естонскиот воздушен простор

НАТО денес остро ја осуди Русија поради наводното нарушување на естонскиот воздушен простор со три ловци МиГ-31, оценувајќи го инцидентот како дел од „пошироката шема на неодговорното однесување на Русија“.

Северноатлантскиот совет се состана во Брисел на барање на Естонија, поради тоа што на 19 септември руските авиони, според информации, престојувале во естонскиот воздушен простор повеќе од 10 минути. НАТО соопшти дека сојузничките авиони биле подигнати за пресретнување и придружба на руските ловци надвор од територијата.

„Ова е вторпат во две недели Северноатлантскиот совет да се состане согласно член 4“, се наведува во соопштението, потсетувајќи дека на 10 септември се одржала седница поради нарушување на воздушниот простор на Полска од страна на руски дронови. Слични инциденти неодамна пријавија и Финска, Латвија, Норвешка и Романија.

„Русија сноси целосна одговорност за овие ескалаторни дејства кои носат ризик од погрешна пресметка и ги загрозуваат животи. Тие мора веднаш да престанат“, нагласи Советот.

НАТО најави силен одговор, вклучително и активирање на операцијата „Истерн Сентри“ за зајакнување на воздушната одбрана на источниот фронт. Алијансата потврди дека нејзината посветеност на член 5 од Договорот за колективна одбрана е „железна“ и најави продолжена поддршка за Украина.

„Сојузниците нема да бидат обесхрабрени од неодговорните постапки на Русија и ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во нејзиното легитимно право на самоодбрана“, се наведува во заклучокот на Советот.

Зачлени се на нашиот е-билтен