Осуммесечна истрага на американската емисија „60 минути“ отвори сериозни сомнежи за опасна и слабо контролирана мрежа во транспортната индустрија во САД, а во центарот на приказната се појавува и компанијата „Супер Его“, поврзана со Србија.
Истражувањето се занимава со таканаречените „камелеонски компании“, фирми што по низа прекршоци и лоша безбедносна историја исчезнуваат, па повторно се појавуваат под ново име и со нов број, како да почнуваат од нула.
Во американската истрага се наведува дека ваквите мрежи не се маргинална појава, туку проблем што директно ја засега безбедноста на патиштата. Според CBS, компании поврзани со „Супер Его“ за две години натрупале речиси 15.000 безбедносни прекршоци и околу 500 сообраќајни несреќи, а американскиот регулатор FMCSA веќе води тековна истрага.
Во истиот извештај се наведува и дека мрежата под капата на „Супер Его“ се протега од Србија до САД, преку посебни, но координирани фирми што посредуваат, изнајмуваат возила и ангажираат возачи.
Дополнителна тежина на случајот му дава и тужбата што ја водат стотици возачи. Според извештаите од САД, „Супер Его Холдинг“ е во центарот на колективна постапка во која се тврди дека возачите биле недоволно платени, изложени на небезбедни услови и туркани до крајните граници на дозволеното работно време.
Адвокатите на тужителите велат дека дел од нив дури добивале и негативни платни листи по долги часови работа, додека компанијата, според нив, одземала повеќе од договореното од приходите на возачите.
Приказната добива уште поширок контекст затоа што американските власти веќе јавно предупредија дека ваквите компании се закана и за безбедноста и за интегритетот на транспортниот сектор. Министерството за транспорт на САД и FMCSA деновиве соопштија дека агресивно ќе одат по „камелеонските компании“, токму затоа што тие избегнуваат надзор, ги бришат трагите од минатите прекршоци и повторно се враќаат на патиштата под нов идентитет. Во случајот со „Супер Его“, прашањето повеќе не е само деловно, туку и безбедносно.
Компанијата, според CBS, ги отфрла обвинувањата и преку адвокати тврди дека е лизинг-компанија, а не транспортна фирма, и дека не е одговорна за постапките на поврзаните превозници и возачи. Но истрагата и судските документи, според американските новинари, отвораат многу поширока слика за координиран систем што функционира преку мрежа од поврзани субјекти.