Од македонските музички корени до стоечки овации за Дино Имери во Германија

Дино Имери

Со концертот насловен “Традиција и Модерна” оркестарот со светско реноме Вурт Филхармоникер, нивниот гостин солист Дино Имери на пијано и светски познатиот диригент Клаудио Вандели приредија исклучителен концерт исполнет со извонредни уметнички успеси, светска премиера како и бурни овации од публиката во Кармен Вурт Форум оваа сабота. Оваа вечер одбележа значајна презентација на врвно македонско музичко творештво преку делата “Ситна Лиса” (во обработка на Дамир Имери), “Рана” од Дијана Илкоска, “Тешкото” од Глигор Смокварски и Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери. Дополнителен автентичен печат даде и учеството на Ратко Даутовски на традиционалниот инструмент тапан.

Впечатлива светска премиера и промоција на македонското творештво

Делото “Рана” во кое “музиката го објаснува она што не можат зборовите” (забележува критичарот Андреас Дене, од водечкиот регионален весник Хајлбронер Штиме) доживеа светска премиера во изведбата “доведена до совршенство од страна на звучното тело на Вурт Филхармоникер”. Претставувајќи го концертот, главната директорка за култура во Вурт Силвија Вебер објасни дека “ништо вообичаено не нѐ очекува вечерва, оние кои го ценат исклучителното се на вистинското место – тука.”

Германската критика забележува воодушевување од автентичното претставување на македонската традиција во кое “Ситна Лиса” претставува “мост помеѓу чистата природа на фолклорниот мелос и експресивната моќ на големиот симфониски оркестар”, додека пак бележи френетичен климакс и експлозивен пик со “Тешкото”.

Техничкото совршенство на Дино Имери го одзема здивот

Централната композиција од првиот дел беше Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери во чија изведба неговиот син, пијанистот Дино Имери, покажа “техничко совршенство кое буквално Ви го одзема здивот. Неговите прсти летаа по клавијатурата со леснотија како од игра, додека ансамблот со преку седумдесетина музичари од филхармонијата динамично го поддржуваа низ комплексните ритмички пластови. Три става, три звучни светови – драматичниот наплив, лирската инстроспекција и џезерската слобода поминуваа низ емотивно превирање. Дино Имери ги обликува овие транзиции со силно присуство, а продолжените аплаузи тоа го потврдија.”

Во светот на бајките и двата биса

Вториот дел од концертот продолжи со музиката на Морис Равел со оркестарската суита “Мојата мајка Гуска” со која се отвори светот на бајките во кој оркестарските бои трепереа како светло кое поминува низ калеидоскоп. По мајсторската изведба на Маестро Вандели и Вурт Филхармоникер на оваа творба, вечерта кулминираше со Равеловиот Концерт за пијано и оркестар во Г-дур каде “џезираните ритмови блескаат, танцевалните движења ја придвижуваат музиката, а виртуозните пасажи го прават пијаното да сјае. Во бавниот став се откри мелодија со таква интимност што прави да се чувствувате како некој да Ви кажува мисла која си ја чувал за себе долго време.”

Дино Имери се опрости од ентузијастичната публика после продолжениот громогласен аплауз и стоечки овации со дури два биса: “Мак Олуја” и “Ревиско Оро” од легендата на македонската народна музика Милан Завков (во аранжман за пијано од Дамир Имери).

Исклучителен пијанист кој Ве наежува штом ги допре клавишите

Светски признаениот шеф-диригент на овој оркестар Маестро Клаудио Вандели изјавува за нашиот реномиран пијанист: “Дино е исклучителен пијанист кој, како многу малку други, има способност совршено да ја балансира неговата спектакуларна техничка виртуозност со длабока зрела интерпретација, Ве допира со убавината на звукот и високата поетска музикалност. Тој е огромен уметник кој ја наежува публиката веднаш штом ги допре клавишите.”

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?