Само 31 отсто од Американците ја одобруваат работата на претседателот Доналд Трамп, што е најниско ниво на поддршка во двата негови претседателски мандата, покажува најновата анкета на Ројтерс и Ипсос. Демократите истовремено имаат предност од 12 процентни поени пред републиканците, две недели пред изборите за американскиот Конгрес на 3 ноември.
Истражувањето, спроведено во текот на четири дена до 19 октомври, покажува дека рејтингот на Трамп се намалил за еден процентен поен во споредба со анкетата од пред две недели, кога изнесувал 32 отсто.
Падот на поддршката се поврзува со растечкото незадоволство од економската состојба, особено од високите цени на бензинот и зголемените трошоци за живот.
Според анкетата, 68 отсто од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп управува со економијата. Незадоволството е присутно и меѓу неговите сопартијци – 37 отсто од анкетираните републиканци негативно ја оценуваат неговата економска политика.
Ројтерс наведува дека поддршката за Трамп значително се намалила по американските воени напади врз Иран, започнати во февруари со поддршка на Израел. Војната предизвика нагло поскапување на горивата, што дополнително ги оптовари семејните буџети.
На прашањето за која партија би гласале доколку конгресните избори се одржат веднаш, 47 отсто од регистрираните гласачи ги избрале демократите, а 35 отсто републиканците.
Предноста од 12 процентни поени е најголема за Демократската партија во досегашните истражувања во овој изборен циклус.
Само две недели претходно, демократите имале предност од седум процентни поени, со поддршка од 44 отсто, наспроти 37 отсто за републиканците.
Особено изразена е разликата кај жените. Половина од анкетираните регистрирани гласачки, односно 50 отсто, изјавиле дека би гласале за демократите, додека 32 отсто се определиле за републиканците.
Демократите имаат предност и кога станува збор за довербата во управувањето со економијата. Во оваа категорија добиле поддршка од 40 отсто од испитаниците, наспроти 33 отсто за републиканците.
Резултатите се значајни во пресрет на изборите на 3 ноември, на кои ќе се одлучува за контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот.
Републиканците во моментов имаат тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Доколку демократите преземат контрола врз еден од нив, тоа би можело значително да го отежне спроведувањето на законодавната агенда на Трамп во последните две години од неговиот мандат.
Сепак, националните анкети не можат директно да го предвидат распоредот на пратеничките места, бидејќи изборите се одлучуваат по сојузни држави и изборни единици.
Анкетата на Ројтерс и Ипсос е спроведена онлајн, со учество на 1.679 полнолетни Американци, од кои 1.279 се регистрирани гласачи.
Статистичката маргина на грешка изнесува околу два процентни поени за сите испитаници и три процентни поени за регистрираните гласачи.

