Аеродромот во Вилнус, главниот град на Литванија, соопшти денеска дека повторно е отворен за сообраќај, откако во текот на ноќта двапати привремено бил затворен поради балони што се движеле кон неговиот воздушен простор. Поради тоа, дел од пристигнувачките летови биле пренасочени кон други градови.
Европското авијациско пространство последниве месеци повеќепати се соочува со хаос поради забележани или упаднати дронови, вклучително и на аеродромите во Копенхаген и Брисел. Затворањето на аеродромот во Вилнус претставува деветти ваков случај во литванската престолнина од почетокот на октомври.
Литванија наведува дека ваквите нарушувања се предизвикани од метеоролошки балони со кои се шверцуваат цигари од соседна Белорусија. Властите во Вилнус го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ја дозволува оваа практика, оценувајќи ја како форма на „хибриден напад“.
„Ограничувањата во воздушниот простор беа укинати на 24 ноември околу 3:25 часот“, соопшти аеродромот на Фејсбук.
Минатиот месец Литванија ги затвори двете гранични премини со Белорусија како одговор на инцидентите со балоните, но оваа недела повторно ги отвори, бидејќи се чинеше дека прекините во воздушниот сообраќај престанале.

