Полицијата употреби солзавец против земјоделци во Брисел поради спорниот трговски договор ЕУ–Меркосур

Полицијата денеска во Брисел употреби солзавец и водени топови против неколку илјади земјоделци кои со трактори ги блокираа патиштата во градот, протестирајќи против спорниот трговски договор меѓу Европската унија и земјите од Јужна Америка.

Демонстрантите, кои се против договорот ЕУ–Меркосур, се собраа во близина на зградата „Европа“, каде што лидерите на 27-те земји членки на ЕУ одржуваа самит на кој се разгледуваше можноста за измени или одложување на трговскиот договор. Дел од протестите се одвиваа и на Плоштадот Луксембург, во близина на Европскиот парламент.

Земјоделците фрлаа компири и јајца, изразувајќи незадоволство од договорот кој предвидува постепено укинување на царините за речиси целата стока со која се тргува меѓу ЕУ и петте земји од блокот Меркосур, Бразил, Аргентина, Уругвај, Парагвај и Боливија, во период од 15 години.

Поддржувачите на договорот тврдат дека тој би ѝ обезбедил на Европската унија алтернатива на кинеските извозни ограничувања и на американската царинска политика. Критичарите, пак, предупредуваат дека договорот може да ги ослаби еколошките стандарди и сериозно да ја загрози европската земјоделска продукција.

Италија најави дека му се приклучува на француското противење на договорот, откако премиерката Џорџа Мелони во парламентот изјави дека неговото потпишување „би било прерано“ и нагласи дека Италија бара „адекватни реципрочни гаранции за земјоделскиот сектор“ пред да даде согласност.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој пристигна на самитот, повторно се изјасни против договорот и повика на продолжување на преговорите во јануари.

„Не сме подготвени. Ова не се вклопува. Овој договор не може да биде потпишан“, изјави Макрон.

Тој додаде дека за можноста за одложување на договорот разговарал со колеги од Италија, Полска, Белгија, Австрија и Ирска, наведувајќи дека француската влада бара заштитни мерки од економски нарушувања, построги регулативи за земјите од Меркосур, особено во однос на пестицидите, како и засилени контроли во пристаништата на ЕУ.

Ставот на Италија ѝ дава на Франција доволно поддршка за да стави вето на планот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за потпишување на договорот, бидејќи за негово усвојување е потребна поддршка од најмалку две третини од земјите членки.

„Тоа не значи дека Италија има намера да го блокира договорот, туку дека ќе го одобри само доколку содржи соодветни реципрочни гаранции“, порача Мелони.

Зачлени се на нашиот е-билтен