Како падот на глечер предизвика разорни поплави во Непа

Катастрофалните поплави во Непал биле предизвикани од комбинација на екстремни врнежи и забрзано топење на глечерите и вечниот мраз на Хималаите, според климатологот и професор Александар Ваљаревиќ. Силниот дожд и надојдената вода потоа предизвикале разорни свлечишта и калливи порои што низ тесните планински долини носеле дрвја, карпи и огромни количества земја. 

Според анализата објавена од „Еуроњуз Србија“, во погодениот дел од Непал за само еден ден паднале повеќе од 100 милиметри дожд на квадратен метар. Големата количина вода, во комбинација со веќе растопениот мраз, создала услови за брзо движење на водата низ стрмниот планински терен.

Токму тој спој на вода, мраз, земја и карпи предизвикал таканаречен каллив порој, односно масивен тек на вода и наносен материјал. Поројот се движел од надморска височина од повеќе од 3.000 метри и со себе носел цели делови од шуми, големи камења и земја, уништувајќи инфраструктура и населени места. 

Првично, дел од информациите за катастрофата ја поврзуваа со земјотрес, но последователните анализи покажаа дека сеизмичкиот сигнал бил поврзан со самиот колапс на лед и карпи. Ројтерс и други извори наведуваат дека падот на голем дел од глечерот предизвикал лавина од мраз и карпи, која потоа се претворила во огромен наносен порој. 

Сателитските снимки покажуваат дека дел од глечерот во близина на Лангтанг Лирунг се одвоил на околу 5.200 метри надморска височина и паднал околу 1.200 метри кон долината. Експертите проценуваат дека токму овој настан бил еден од клучните механизми што ја активирале катастрофата. 

Во исто време, научниците предупредуваат дека затоплувањето на Хималаите ја зголемува нестабилноста на високопланинските области. Повисоките температури придонесуваат за топење на глечерите и деградација на вечниот мраз, што може да ги ослаби планинските падини и да го зголеми ризикот од одрони и глечерски колапси. Сепак, директната врска меѓу конкретниот настан и климатските промени сè уште се истражува. 

Дополнителен проблем е променетиот режим на монсуните. Според професорот Ваљаревиќ, монсунските врнежи годинава задоцниле и најсилниот период се поместил во август, наместо вообичаено да биде во јули. Кога големи количества дожд паѓаат за само неколку часа или денови, планинските почви не можат да ја апсорбираат водата, што дополнително го зголемува ризикот од порои и свлечишта. 

Последиците од катастрофата се огромни. Според најновите податоци објавени од непалската полиција, бројот на загинати достигнал 543, додека повеќе од 1.500 лица сè уште се водат како исчезнати. 

По големиот порој во погодениот регион се формирале и нови езера, откако наноси од камења, мраз и земја го блокирале речниот тек. Нивното постоење претставува дополнителен ризик, бидејќи евентуално пробивање на природните брани може да предизвика нови поплавни бранови низ долините. 

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?